Докторантка на Универзитетот во Лидс во Британија е ослободена од затвор во Саудиска Арабија, откако и беше намалена 34-годишната казна за објави на социјалната мрежа „Х“.
Салма ал Шехаб беше осудена на 34 години затвор во 2022 година за објави на социјалната мрежа „Х“.
Саудиската група за човекови права АЛКСТ со седиште во Лондон ја објави веста за нејзиното ослободување.
Во јануари АЛКСТ објави дека казната е намалена на четири години затвор, со уште четири години условна.
-Сега мора да и се даде целосна слобода, вклучително и правото да патува за да ги заврши студиите, рече АЛКСТ.
Саудиска Арабија не го коментираше овој случај.
Ал-Шехаб беше приведена во јануари 2021 година, додека беше на одмор во Саудиска Арабија.
Таа е припадник на шиитското муслиманско малцинство во Саудиска Арабија, кое долго време се жали на систематска дискриминација.
Судиите ја обвинија Ал-Шехаб за „нарушување на јавниот ред“ и „дестабилизирање на општественото ткиво“, а овие наводи произлегуваат исклучиво од нејзините активности на социјалните мрежи, според официјалното обвинение.