Втор бојкот на маркетите. Денес требаше да биде „црн петок“ за маркетите, кои забегаа со цените.
ММС направи обиколка во големите синџири маркети и она што можеше да се забележи е дека бојкот има, но не таков каков што требаше да биде. Не таков како во останатите балкански држави, особено во Хрватска, кој веќе даде резултат.
Во скопските маркети иако слаба, но сепак, раздвиженост од муштерии, кој со полни кој со полупразни корпи, има. Муштерии каде, каде повеќе отколку минатиот петок.
ММС разговараше со некои потрошувачи и вработени, кои иако го оправдуваат бојкотот, сепак, велат дека ова не е трајно решение.
-Бојкот е да, се гледа, но не е како минатиот пат. Еве гледате луѓе влегуваат пазарат, нема големи редици, како вообичаено, но има луѓе. Претежно се пензионерите, но и тие па што купуваат. Со леб и млеко се од утринава, спрочем како речиси и секој ден, ни рече вработена.
Дел од муштериите со кои сакавме да поразговаравме не сакаа да одговорат на прашањето -зошто не бојкотираат? Туку брзо земаа што им треба и уште побрзо излегуваа од маркетот.
Во еден мркет дел од вработените, кои исто така се засегнати од енормно високите цени, ни рекоа дека го оправдуваат бојкотот, но дека тоа не е решение.
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2025/02/market2_mms-1024x461.jpg)
-Цените се зголемуваат постојано веќе 20 години наназад. И што се направи? Ништо. Оваа ситуација треба да ја среди Влада, а не потрошувачите со бојкот. Сами гледаме дека веќе не може да се купат ниту овошје ниту зеленчук а за друго да не зборуваме. Кој од надлежните до сега се заинтересира да ги обузда трговците? Никој! Цели 20 години си спиевме, се што можеше да побегне побегна од државата и дури сега сфативме дека ќе немаме за леб, а не па овошје и зеленчук да купиме. Луксуз стана тоа. Треба Владата да донесе мерки, а не ние сами да се бориме, а некој со години да седи дома и да зема плата. Срамота е здрави и прави мажи и жени, само затоа што се во партија, да лежат дома и да земаат плата а некој да умира од работа и на крај да не може да го истера месецот, ни рече една вработена.
Додека таа зборуваше дел од муштериите кои и покрај бојкотот, сепак, решиле да си пазаруваат, ја слушаа и ја поддржуваа.
Сите заедно беа на ставот дека Владата е таа која треба трајно да го реши проблемот.
-Ако Владата не сака да ги доведе во памет алчните газди и прекупци, кој друг ќе може да го направи тоа. Владите сите овие години дозволија да се уништи нашето земјоделство, па сега ќе јадеме метални краставици и патлиџани од увоз, сложни се сите…
Надлежните, пак, најавуваат дека до крајот на неделата треба да завршат шестмесечните контроли на Пазарниот инспекторат со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците по што Инспекторатот треба да излезе во јавноста со податоци.
– Течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки, истакна вчера министерот за економија Бесар Дурмиши.