Десет основни училишта на територијата на општина Гази Баба утрово добија дојави за поставени експлозивни направи, што доведе до итна евакуација на учениците и наставниот кадар.
По добивањето на дојавите, училиштата постапија според протоколите и веднаш ги известија надлежните институции. Наставата беше прекината, а учениците и персоналот беа безбедно евакуирани.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, по добивањето информации од директорите на училиштата, стапи во контакт со надлежните служби. Екипи на Министерството за внатрешни работи (МВР) спроведоа детални проверки во сите засегнати училишта, по што беше утврдено дека се работи за лажни дојави.
„Изразувам благодарност до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и полициските службеници за нивната брза реакција и ефикасно спроведените безбедносни проверки. Исто така, упатувам благодарност до родителите за нивното трпение и разбирање во оваа ситуација,“ напиша градоначалникот Стефковски на социјалните мрежи.
Според официјалните информации, наставата во училиштата каде што се одржува втора смена ќе продолжи според редовниот распоред. Истражните органи продолжуваат со работата на утврдување на изворот на лажните дојави.