Ќе се рушат објектите над ОУ „Тошо Арсов“ заради комплетирање на изградбата на булеварот „Партизанска“.
Булеварот „Партизанска“, кој започнува кај штипската автобуска станица, има 4 сообраќајни ленти, по две во една насока на движење, а истиот ќе завршува кај кружниот тек кој ги спојува новиот мост на Брегалница со успонот кон Сењак, кај штипскиот диспанзер. Единствен прекин на булеварот е токму кај овие објекти, каде четирите ленти порано се сведуваа на две, а во моментов движењето е по една некомплетно асфалтна лента, која во моментов не се довршува заради застојот со расчистувањето на овие објекти.
Но, рушењето на објектите има и социјален аспект, бидејќи 12 ромски семејства имале склучено договори со АД за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката и после истекувањето на договорите останале да живеат во објектите, а повеќето од нив имаат и доградби кои се дивоградби, што дополнително го усложнува процесот.
- АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката доставило решенија со кои ги известува станарите да се иселат од нив, без наведен рок, затоа што објектите се планирани за рушење поради изградбата на булеварот „Партизанска“. Станува збор за 12 семејства, кои вчера беа во општината и побараа да им се реши станбеното прашање, вели Ерол Адемов, виш референт за односи со заедниците.
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2025/02/erol_ademov.jpg)
Општината не е надлежна за уредувањето на односите меѓу станарите и АД ИССДП и тие се фокусирани на дореализацијата на булеварот.
- Општина Штип работи на активности во склад со ДУП за завршување на булеварот „Партизанска“ и тоа е во склад со законот. Објектите кои треба да бидат срушени се во сопственост на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, кое е согласно да го отстапи просторот за намената за која е предвиден со ДУП, велат од општината.
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2025/02/bulevar_partizanska-1024x576.jpg)
Инаку, булеварот освен што предвидува четири сообраќајни ленти, предвидува и велосипедска лента, пешачка лента и зелен појас. Доизградбата на булеварот ,,Партизанска” чини околу 100 милиони денари.
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2025/02/kuki_romi3-1024x768.jpg)
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2025/02/bulevar_partizanska02-1024x576.jpg)
(М.К.)