Многу отворени прашања останаа по првиот консултативен состанок што денеска во Штип го одржа Алказар Енерџи, компанијата која најавува дека ќе го изгради најголемиот ветерен парк со максимум 54 ветерници со површина од 326 хектари на тромеѓето меѓу општините Штип, Карбинци и Радовиш. Тоа е првиот голем проект што го промовира премиерот Христијан Мицкоски откако ја презеде власта, најавувајќи го најголема инвестиција во обновливи извори на енергија со бенефит за 100.000 домаќинства во Македонија.
Денешната средба со граѓаните, заинтересираната јавност и екологистите беше во функција на подготовка на Оценка на влијанието на животната средина и социјалниот аспект.
Претставниците на инвеститорот информираа дека паркот ќе има 54 генератори на ветерни турбини кои преку новоизградена трафостаница годишно ќе произведуваат над 860 GWh електрична енергија и ќе влегува во националната енергетска мрежа. Ќе бидат поставени 80 километри подземни кабли и реконструирани старите патишта и изградени нови, во вкупна должина од 68 километри и приближно седум километри 400 – ватен далековид кој ќе ја поврзува трафостаницата со електричната мрежа.
-Фазата на изградба се очекува да започне во втората половина од оваа година и да трае приближно три години, а оперативната фаза ќе запоичне со поврзување на ветерниците со националната мрежа и се очекува тоа да биде во 2027 година, изјави пред присутните Татјана Димитрова Филковска, специјалист за животна средина во „Алказар Енерџи“.
Турбините на 54 ветерници ќе произведуваат енергија со која може да се опслужат над 150.000домаќинства, притоа избегнувајќи околу 980.000 тони емисии на CO2 годишно.
По 30 години турбините одат во отпад
Ветерниот парк којшто треба да го гради компанијата „Алказар Енерџи“ ќе биде со работен век од 25 до 30 години и според најавите ќе чини околу 450 милиони евра. По изминувањето на овие 30 години колку што е работниот век на турбините, отпадот ќе го преземе производителот.
Тоа се генералиите за овој проект, што според најавата ќе биде можеби најголемиот ветерен парк на Балканот. Следеа повеќе прашања за кои се интересираа екологистите и претставници на приватни компании.
Едно од прашањата беше чие е земјиштето – дали е купено. Патриција Хименес, претставник на Алказар одговори дека има посеен документ План за земјишето, според кој, во најголем дел земјишето е државно, додека мал дел е приватно. Ќе следи експропријација и како што објасни Хименес, Алказар за ова ќе плати над пазарната цена.
Во однос на животната средина, претставниците на инвеститорот повеќе пати повторуваа дека се’ што работат е според меѓународни стандарди. Екологистите излегоа со повеќе прашања, но на повеќето добија, како што рекоа, општи и површни договори.
Алказар во овој проект не тргнува од почеток, туку се надоврзува на веќе почнатиот од 2009 година, кога во Штип доаѓаа претставници на шпанската компанија Инвал, која на истата локација сакаше да постави ветерници. Овој проект никогаш не се реализира. Сега Алказар ја зема веќе утврдената локација, но наместо тогаш планираните над 60 ветерници, ќе бидат поставени максимум 54. Причината, како што објаснија е што технологијата напреднала, а турбините се пошироки од тие планирани во 2009-та. Алказар ги користи и старите документи низ македонските институции, вклучително и Решението за спроведување оценка на влијание, што според екологистите е пропуст на нашите институции, бидејќи се работи за друг и сосема нов проект.
-Инвеститорот за некое чудо не’ викна врз основа на некакво си Решение кое постои од пред многу години. Во суштина пак се работи за административни прпоусти на нашата администрација а не од страна на инвеститорот, изјави Маја Марковска од организацијата Милениуконтакт.
Без прецизни податоци
На прашањето дали има простор за загриженост, Марковска вели дека не може да се заклучи, бидејќи денеска добија општи информации.
-Тоа што го слушнавме е многу површно и многу општо. Дури не видиме конкретни информации и податоци, затоа што ниту е дефинирана трасата, ниту потег, ништо, освен што знаеме општо каде е, за колку време ќе се гради…Дури не видиме поконкретни податоци, не можеме да излеземе ниту со загриженост, ниту со незагриженост, изјави Марковска.
Претставниците на Македонското еколошко друштво се интересираа колку турбините може да ги загрозат птиците и особено мршојадците, кои според научна студија од Бугарија доаѓаат во овој крај. Потоа дали патиштата ќе бидат со асфалт или земјен пат и кое е најголемото село што е во близина на ветерниот парк. Хименес одговори дека ветерниците ќе бидат поставени на 800 метри од населено место, додека за останатите прашања генерално беше кажано дека се анализира влијанието на проектот врз 20 видови птици и 6 вида на лилјаци. Ќе има мониторинг и во случај на потреба и соочување со птици, технологијата е таква што ќе може да се исклучат за 6 секунди.
Патиштата мора да бидат средени за да може да поминат турбините неоштетени, како и за изведувачите на работите. На реакцијата дека има неколку каменоломи во предвидената локација, беше одговорено дека овој определен простор не е крајно дефиниран и трпи промени во перспектива.
На оценката за влијание врз животната средина од Алказар најавија дека повторно ќе се навратат и ова е прва средба. Студијата ќе биде ставена на увид на јавноста, додека наскоро ќе биде отворена канцеларија за односи со јавност. Оваа студија е придружен документ и за пред банките.
Иста ваква средба денеска беше одржана и во Радовиш. Ветерниот парк само мал дел ќе зафаќа од територијата на општините Карбинци и Радовиш и во најголем дел ќе се простира во Штипско. Општината нема улога, освен како поддржувач на проект, кои како што рекоа од Алказар е независна, приватна иницијатива.
В.К.