Штипскиот пододдел за онкологија има само еден онколог, кој го покрива целиот источен регион, а кој во 2024 година имал 3500 прегледи. Од дијагностицираните болни од канцерогени заболувања, 110 пациенти биле целосно третирани во Штип, без да има потреба да бидат препратени во Клиниката за онкологија во Скопје:
- Има онколошка амбуланта, има пододдел онкологија. Пододдел значи дека имаме фузија на оддели, има една работна единица онкологија, патологија и лабораторија. Имаме еден онколог, кој ја покрива цела источна Македонија и функционира, како за дијагностика, како за делење на дел од терапијата за онколошките болни и морам да се пофалам дека во Клиничка болница Штип има дијагнози, како на пример карцином на дојка, кај кои што целиот процес се завршува во нашата болница – дијагностика, пункција по индикација на доктор, оперативен третман и постоперативна онколошка терапија. Оперативниот третман го прават хирурзи и торакални хирурзи. Значи, се ординира терапија, зборувам за хемотерапија, биолошка терапија и имунотерапија, за пациентите со карцином на простата, карцином на дојка, колоректални карциноми, од кои дел се третираат тука, дел се праќаат во Скопје, тоа е веќе координација меѓу овдешниот онколог со Клиниката за онкологија. Во 2024 се направени околу 3.500 прегледи. Околу 110 пациенти се целосно третирани во Штип и хируршки и онколошки за 2024, од дијагностика до третман, пациенти кои воопшто не биле во Скопје, вели директорот на штипската клиничка болница, д-р Владко Захариев.
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2025/02/vladko_zahariev01-1024x768.jpg)
За штипската клиничка болница набавен е и акцелератор, кој што од набавката со години не е ставен во функција.
- Акцелераторот е во надлежност на Министерството за здравство. Сместен е во Скопје, во магацин, треба да се направи сервис на акцелераторот, како и на бункерот да се направи дефектажа, да се утврди во каква состојба се. Сумата за репарација не знам колкава ќе биде, но нема ништо поскапо од човечкиот живот. Не можам да кажам и дали треба да се репарира, тоа треба сервисери, стручни лица да видат и да утврдат. Желба има да се реализира до крај тој проект и се надевам дека во најскоро време ќе имаме акцелератор во функција во Штип. Прво што треба да се направи е да се провери состојбата на акцелераторот, да се направи дефектажа на бункерот во Штип и понатаму чекор по чекор да се реализира планираното. Процентот на околошки болни се секоја година зголемува. Моја идеја е да се зголеми бројот на лекари онколози и во скоро време да имаме упатување на специјализација по онкологија, во моментов немаме специјализанти на онкологија, додава Захариев.
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2025/02/infuzija-1024x682.jpg)
Пред неколку денови се одржа и координативен состанок меѓу јавните здравствени установи кои имаат онколошки амбуланти, пододдели и одделенија.
- Координативниот состанок беше на иницијатива на Фондот за здравство, каде бевме повикани директорите на болници коишто имаат онкологија. Тоа се: Штипската клиничка болница, тетовската клиничка болница, Клиничка болница – Битола, Клиниката за онкологија – како претставник на терциерното здравство и директорот на болницата „8-ми Септември“. Тоа беше иницијален состанок, на кој што заеднички став беше дека треба да има подобра координација меѓу терциерното и секундарното онколошко здравство. На заеднички став бевме сите дека треба да има еден стручен колегиум на ниво на цела Македонија, претставници на сите болници да има, за нивна подобра соработка и побрзо ажурирање на тековните проблеми кои што настануваат, подвлекува Захариев.