По се изгледа “фабриката” ДНК нема намера да го намали темпото кога се во прашање создавањето на нови песни.
По тој повод, пред два дена Панчо и Андреј преку социјалните мрежи го најавија нивниот најнов музички проект. Jавноста беше изненадена од видеото кое беше споделено, бидејќи на него се појавуваат дваесетина јавни личности и сите од нив кажуваат само еден едноставен збор – “Фала”. Причина за ваквата кампања е всушност најновата песна на музичкото дуо ДНК. Нејзиниот наслов е токму тој – “Фала”.
Она што е важно да се потенцира е тоа што станува збор за песна која по својот стил потсетува на звукот од 2000-те години. Инаку како и претходните песни, така и на оваа како автори се потпишува незаменливиот тандем Панчо и Лазар Цветковски. Исто така за потребите на “Фала” се сними видеоспот, во кој покрај Андреј и Панчо се појавува и преубавата кумановка Теа Ѓоргиевска. Екипата која го снимаше спотот се добропознатите Огнен Шапковски и Кристијан Теодоров.