Масовно труење на кучиња во Охрид, граѓаните се огорчени од оваа монструозно дело и најавуваат тужби.
Охриѓанецот Климент Арнаудов на својот Фејсбук профил објави видео од кучињата, за кои вели дека биле мирни и никого не напаѓале.
-Отруени се сите овие кученца во Охрид. Си лежеа пред “23ка”, никого не напаѓајќи ниту досадувајќи му, заинтересирани за грст галежи и храничка која им беше давана од љубители на животни од тој реон. Впрочем, самото видео кажува многу. Од сите нив најдено е само телото на едно (тоа во средина што спие на грб). Ги кренале набрзина и исфрлиле. Охриѓани се убедени дека тоа е масло на лица од „Комуналец“, впрочем само и тие креваат лешеви на усмртени кученца (па штом одма ги кренале значи дека и тие се извршителите). Полицијата не ни дошла на терен по пријавата. Изговорот: кучињата не биле во сопственост на пријавувачите. Кое бедотие од лица во униформа ги имаме ширум полициските служби, да законите не ги познаваат (или се прават дека не ги познаваат, оти овде во земјава најлесно и најубаво си поминуваат оние со “не знам” и “не можам” убедувањето). Тоа грозоморие се случило, тие за ненадлежни се прогласуваат. И не само тоа – ги натеруваат и им префрлаат товар на обични граѓани пријавувачи да трчаат по општина и други тела за нешто да се превземе, небаре тие граѓани немаат што друго да прават во животот и должни се тоа да го прават при институции на кои должност им е примената на законите и правината, напиша тој и додаде:
-Штета што не бев на лице место, овој статус убеден сум дека притворен од станица ќе го пишував, оти најмалку сакам кога некој малоумен ме прави и плука на законите! (а имам такви претходни искуства). Убиства се случени, полицијата не е должна да постапи и истраги да поведе. Отров е расфрлан, полицијата не е должна да постапи и истраги да поведе. Ничиви биле кученцата. Дали ако лице бездомник се најде убиено, ќе креваат и тогаш раменици и за ненадлежни ќе се прогласуваат? Простете, но тоа веќе не личи на држава, и таквата држава во која институции префрлаат товар на чесни и лојални граѓани и се прогласуваат за ненадлежни не ни заслужува да постои. Та зарем толку ли нема човек во униформа во кого она човечкото ќе е посилно од униформата та ќе надвладее и ќе грмне “оставете, јас ќе поведам истраги и битки за случајов, макар и работа да изгубам за тоа”? Напоменувам – неказнивоста и на овие злодела наскоро ќе придонесе за земање правдина во свои раце, а тогаш и човечки жртви може да паднат, и тогаш предоцна ќе биде за сѐ, напиша тој.
Во друга објава Арнаудов најави и тужба за овој злосторки чин.
-Нудам награда од 500 евра за сведок (вработен при ЈП Комуналец) кој ќе пропее кој тоа (вработен при ЈП Комуналец) и по чија наредба ги отрул кученцата во Охрид. Сведокот ќе бидит заштитен, а и во случај да го избркаат од на работа ако се дознае кој е (знаете дека има кртови во службите) му ветувам уште поубава работичка. Целата судска постапка ќе ја терам сам, со помош на адвокат, негово е само да даде сведоштво. Ем парички ќе си добие, ем ќе одработи за душата своја. Оти, прикривање на злото, е соучесништво во злото, најави тој.