Реакциите по убиството на младата Фросина Кулакова од Неготино не стивнуваат. Под името „Стоп за сообраќајното насилство“ во сабота се организира протестен марш во Неготино. Протестот ќе се одржи во 14 часот, на улица „Маршал Тито“, кај семафорите.
На социјалните мрежи се повикуваат сите кои сакаат да бидат дел од протестот.
– Време е да ја подигнеме свеста за трагедиите што секојдневно се случуваат на нашите улици. Маршираме за да испратиме силна порака, доста е со жртви на улиците. Овој протест е за Фросина, за Викторија, за сите жртви на сообраќајното насилство и за сите чии животи се изгубени поради немарни возачи и неефикасни институции. Секој од нас е изложен на опасности во сообраќајот. Никој не е заштитен од трагедија. Не смееме да дозволиме оваа серија загуби да продолжи, пишува во повикот на Фејсбук.
Другарките на Фросина организираат бесплатен автобус од Скопје до Неготино и назад, за сите што сакаат да присуствуваат на протестниот марш.
-Денес се навршуваат седум дена, а во сабота е протестот. Ги замоливме сите кафулиња во Неготино да се воздржат од пуштање музика во сабота, додека трае протестот. Со Фросина сме заедно од бебиња, заедно сме растени. Многу ми е тешко, не знам како ќе се преболи. Мислам дека нема, јас уште не сум свесна што се случи. Неколку дена пред да се случи трагедијата сите другари и другарки бевме заедно излезени. Дента пред да загине пак се слушнавме. Сите ние сме за протести до крај, додека нема некаква промена. Сите сакаме да лежи доживотен затвор, вели разочарано Мартина Иванчева, другарка на Фросина.