По големиот број поплаки и барања на медицинските сестри, кои постојано пристигаат во Унијата на медицински сестри и техничари на Македонија, како и во Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС”, остро реагираме и заеднички го подигаме гласот со нашите колешки и колеги кои денес „останаа на улица” по еднострано прекинатите договори за работа, се вели во соопштението од м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унија на ЗМСТАС И ЗМСТАС „ЗА НАС”.
Соопштението ви го пренесуваме во целост:
-Овие наши колеги, за жал, им се придружуваат на оние чиишто договори беа прекинати по различни основи и во различни периоди во повеќе здравствени установи низ Републиката, во последната година.
ЗАКОНСКИТЕ НЕДОРЕЧЕНОСТИ И ПОЛИТИЧКИТЕ ФЛОСКУЛИ ЈА ВЛОШУВААТ СОСТОЈБАТА
Фрапантни се фактите кои речиси остават без зборови: станува збор за висококвалитетни и стручно обучени медицински сестри и техничари, кои зад себе имаат и по 6 и 7 години работно искуство во статус договор на дело, а се до денес биле составен дел од здравствените установи, Општите болници во Прилеп, Битола, Кавадарци и Куманово!
Овие колеги, наместо признание и решавање на нивниот статус, остануваат изневерени од здравствените власти, законските недоречености, недомаќинското работење, немањето слух за натрупаните проблеми, како и лицемерните и популистички флоскули и политички додворувања, особено во време на пандемијата со коронавирусот!
НЕДОПУСТЛИВИ ПОДЕЛБИ ВО ПРОФЕСИЈАТА: ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ И ЕМПАТИЈА КАКО ЕДИНСТВЕНИ КРИТЕРИУМИ
Унијата на петте здруженија на медицински сестри и техничари на Македонија, со своите повеќе од 5.000 членови од сите нивоа на здравствениот систем, предводена од Здружението на медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА-НАС”, континуирано реагира и алармира за потребата од итно решавање на статусот на оваа категорија медицински сестри и медицински техничари, кои со години наназад се ангажирани со „Договори на дело” преку агенциите, други матични институции и трети по основ на проекти!
Реагираме по којзнае кој пат и апелираме да се престане со поразителната поделба на медицинските сестри и техничари според: политичката реторика и опција, поделбите од типот на средни и високи, полова и возрасна поделба, но и тотално неразумната поделба по национална или етничка припадност. Затоа што во нашата професија единствениот фактор кој го определува квалитетот е: професионализмот и емпатијата! Ништо повеќе и ништо помалку!
Ако според сите извештаи, анализи, препораки и параметри, на Македонија ѝ недостасуваат речиси 50% од сегашно ангажираните медицински сестри и техничари, тогаш и денешните и сите досегашни раскинувања на договори во најмала рака изгледаат несериозни, неетички и нехумани. Тие, како такви, треба да бидат поединечно образложени и поткрепени со факти!
Нашата работа и нашата професија се една од најважните алки во комплетниот здравствен систем на земјата и немарното или „намерното” запоставување на нејзината вредност, неминовно ќе доведе до катастрофални последици во здравствениот систем, лош имиџ на земјата пред светот, но и најважно од се: намалување на вредноста на пациентите и значително поскапување на здравствената нега!
ДЕЛУВАЊЕ НА УНИЈАТА: БОРБА ЗА ПРАВАТА И ДОСТОИНСТВОТО НА МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ
Стресот и одговорноста во нашата професија се постојани, а дополнителните стресови и долгогодишни нерешени и запоставени проблеми, какви што се: законски нерегулираната професија, условите за работа, неприфатените дипломи, слабата финансиска ревалоризација на трудот и така натаму, дополнително ја зголемуваат огорченоста и одливот на овој високо стручен кадар во западноевропските земји!
Затоа, апелираме и предупредуваме дека: конечно е време за неодложно, сериозно и системско решавање на императивните проблеми во професијата медицинска сестра и медицински техничар, во интерес на сите граѓани на земјата!
Нашите барања:
- Итно вработување на лицата кои имаат повеќегодишни стажови во здравствените установи, затоа што тие веќе ја покажале и докажале својата неопходност за болниците и пациентите!
- Да не се нарушува достоинството на нашата хумана професија со произволни и непоткрепени изговори и изјави од било кого!
- Како Унија со најбројно членство на медицински сестри и техничари во земјава, бараме да бидеме вклучени во сите инстанци и на сите нивоа на кои се носат било какви одлуки за медицинските сестри и медицинските техничари!
Оваа професија се одбира и се работи затоа што се сакаат животот и добробитта на пациентите! Ако нацијата е богатство на државата, тогаш медицинските сестри се богатство на нацијата!
Време е решавањата да бидат системски и систематски во интерес на СИТЕ!