Земјотрес со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала се почувствува во 09:18 часот во Штип и околината, што е регистриран и во Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје.
„Епицентарот на земјотресот потекнува од епицентралното подрачје Штип – Радовиш на 70 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML2.7 и со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Потресот беше краток во секунда. Ова е втор земјотрес од ноќеска по оној во Дебар во 01.50 часот.
Деновиве во соседна Грција има интензивна сеизмичка активност. Околу 550 потреси се регистрирани во морската област помеѓу Санторини, Аморгос и Иос во последните три дена со јачина од над 3 степени според Рихтеровата скала и максимални 4,9 степени.
Уште четири земјотреси, со обратен хронолошки редослед од 4, 4,2, 4,9 и 4 степени по Рихтер, се регистрирани во раните утрински часови – во 05.03, 04.48, 04.46 и 03.19 часот – во морската област на приближно 20 километри југо-југозападно од Аморгос, според податоците објавени од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина.