Јавното претпријатие „Лајка“ е основано од страна на Градот Скопје со цел да се грижи за благосостојбата на животните скитници и да го намали нивниот број на улиците. Во интервју за ММС, Радмила Пешева, директорка на ЈП „Лајка“, ја истакна важноста на хуманиот пристап кон оваа проблематика, како и потребата од системски решенија за да се спречи постоењето на бездомни кучиња.
„Ние го контролираме бројот на кучиња на улица преку масовна кастрација и стерилизација, метод кој е препорачан од сите релевантни меѓународни организации кои се занимаваат со ова прашање. Сепак, праксата покажува дека сопствениците не се грижат доволно за своите кучиња и ги напуштаат“, објаснува Пешева.
Таа нагласува дека проблемот со бездомните кучиња е последица на неодговорното однесување на сопствениците.
„Кучето е животно кое живее покрај човекот и бара другарство. Меѓутоа, неодговорното однесување на луѓето резултира со голем број на кучиња на улица. Нашиот апел до граѓаните е да не ги размножуваат кучињата и да ги кастрираат или стерилизираат своите миленици, бидејќи тоа е основна грижа за нивното здравје и благосостојба“, рече таа.
Таа исто така истакнува дека важно е да се регулира и трговијата со кучиња.
„Пазарот е заситен со понуда на кучиња. Агенцијата за храна и ветеринарство треба да го регулира прашањето на размножување и продажба на кучиња. Доколку не се реши овој проблем, ние ќе продолжиме да се соочуваме со нови кучиња на улиците и тоа ќе значи небезбедени улици. Ова важи и за останатите градови во државата, проблемот мора системски да се реши“, вели Пешева.
Еден од клучните методи на „Лајка“ е враќањето на кастрираните и стерилизираните кучиња на локацијата од каде што се земени.
„Кучињата се територијални животни и на тој начин ја бранат својата територија од прилив на нови единки. Со овој пристап, ние враќаме здраво куче на улица, кое не може да создаде легло или да покаже агресија,“ појаснува таа.
Според проценките на „Лајка“, во Скопје има околу 6000 бездомни кучиња. Меѓутоа, Пешева нагласува дека дури и да се сместат сите тие, проблемот нема да се реши доколку не се спречи изворот на нови кучиња.
„Ние имаме капацитет за 120 кучиња, но секојдневно се соочуваме со нови случаи на напуштање. Едно репродуктивно куче за две години може да создаде до 200 нови единки. Имено, една кучка може да роди 10 кучиња, во наредните шест месеци може да роди уште толку, сите овие 10 односно 20 ќе родат уште по 10 и еве ја пирамидата. Од една кучка добивате 200 кучиња“, кажа Пешева.
Пешева истакнува дека решението на проблемот не може да зависи само од Јавното Претпријатие „Лајка“.
„Ние сме дел од решението, но потребни се паралелни мерки од други институции. Во моментов, казните за напуштање на кучиња се премали, а механизмите за контрола на сопствениците на кучиња речиси и да не постојат. Никој не е казнет за нечипирање или напуштање на куче, што е неприфатливо. Казните се околу 15 евра, но секогаш првично инспекторот ве задолжува во рок од одреден период да го сторите тоа што треба“, вели таа.
Пешева додава дека едукацијата е клучна.
„Мора да се дејствува едукациски, да се промовира одговорно чување на милениците и вдомувањето на кучињата. Секој треба да биде свесен дека кучето не е потрошен материјал, туку живо суштество кое бара грижа и љубов“, изјави Пешева.
Пешева воедно ја потенцираше потребата од системски промени и поголема соработка меѓу институциите за да се реши проблемот со бездомните кучиња.
„Доколку не се воспостават јасни правила и контроли, ние ќе продолжиме да се вртиме во круг. Потребна е колективна одговорност за да се осигураме дека секој миленик ќе има дом и грижа која ја заслужува“, децидна е таа.
Кристијан Трајчов
Фото: Приватна архива