Во време кога тргнува погребната поворка кон вечното почивалиште на 22-годишната Фросина Кулакова во родното Неготино, во Скопје на „Партизанска“ се одржува протест за правда на младата девојка, која поради дивеење на возачот го загуби животот.
Протестот прво почна со минута молчење, со солзи и жал по младиот живот, со палење свеќи цвеќе и плишани мечиња на местото на трагедијата. Но, револтирани поради неказнивоста со извици за правда и одговорност започна граѓанскиот протест.
Насобраните граѓани во рацете со транспаренти упатија пораки до властите и институциите: „Врските не враќаат човечки живот,“ „Не е кобно местово, туку луѓето и системот“, „Не е несреќа, туку убиство“, „Обвинители=соучесници убијци“, се само дел од пораките кои можее да се видат на транспарентите.
„Уште многу вака ќе треба да молчиме ако сега не го кренеме гласот. Доста е!, повика младо момче, по што следеа извици „Уа, уа“.
„Тоа можеше да биде секој од нас, затоа сакаме правда“, повика друго момче, кое им се обрати на студентите, родителите, бабите и дедовците. „Како претставници на студентите должност ни е да повикаме на одговорност“, додаде.
Почна полемика меѓу присутните откако некој повика да се тргне кон куќа на родителите на возачот кој ја прегази Фросина, но потоа беа повикани да се упатат во судот, каде ќе повикаат на одговорност.
Граѓаните палат свеќи и носат цвеќе на местото каде беше прегазена Фросина. Насобраните граѓани, млади, студенти, пензионери, обични граѓани пред новинарите рекоа дека одговорни се судиите и обвинителите, кои дозволиле младиот возач да се провлече низ системот и покрај серијата кривични дела.
-Да се реши случајот, да не остане ова само еден негативен пример и младите да бидат повторно разочарани. Но, главниот момент е зголемување на едукацијата и свеста за тоа како треба да се почитуваат правилата при возење, изјави Александар Николовски, претседавач на Националното студентско тело.
Фото: Вангел Тануровски