Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторило кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 6 во врска со став 3 и став 2 од Кривичниот законик.
-Сомнението произлегува од фактот дека осомничениот, на 27 јануари, како лице кои вршело работи од јавен интерес, односно како доктор – хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа. Синот следниот во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра. Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, информираат од ОЈО.
Претхорно МВР извести за лекарот, кој барал поткуп.
-На 28.01.2025 во 17 часот во просториите на Клиничка болница Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода М.С.(64), лекар во Хируршко одделение во Клиничка болница Битола. Тој се сомничи дека сторил кривично дело „примање поткуп” по член 357 од Кривичниот законик, односно дека по завршен хируршки зафат побарал и примил поткуп од лице од битолско. Кај него биле пронајдени и одземени парите, кои претходно биле обележани. М.С. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава, информираа од МВР.