Пецкањето и слични непријатни чувства во нозете при спиењето, како и потребата да ги движите ноќе, може да бидат признак за тн. синдром на немирни нозе. Се работи за нарушување на спиењето и движењата, бидејќи симптомите се јавуваат при одмор.
Симптомите може да се движат од благи до потешки. Човекот ги доживува како нагон да ги движи нозете во сон. Д-р Суџит Кумар, невролог и епилептолог од Бенгалур, Индија, вели дека состојбата може да се јави како последица од анемија со недостаток на железо, откажување на бубрезите, невропатија, а понекогаш, синдромот може да се појави и без специфична причина.
Според лекарот, најчестите причини се: Краен стадиум на бубрежна инсуфициенција и хемодијализа, периферна невропатија (оштетување на нервите), нарушувања на спиењето како што се апнеја при спиење и недоволен сон, хормонални промени, бременост (особено во последното тримесечје), употреба на алкохол, никотин и кофеин.
Кои се симптомите на синдромот на немирни нозе?
Лицата со синдром на немирни нозе имаат нагон за движење, често придружен со непријатно чувство во долните екстремитети. Може да се јави во облик на болка, пулсирање, трпнење, грч… Како резултат на тоа, квалитетот на сонот е честопати нарушен и како последици има промени во расположението, исцрпеност, дневна поспаност, тешкотии при концентрирање, нарушено помнење, намалена продуктивност, депресија и анксиозност.
Како може да си помогнеме? Личниот лекар може да ја процени сериозноста на состојбата и основните причини, и да препорача лек. Препорачлива е посета на доктор ако искуството е често и со голема силина.
Говорејќи за лекови, се користат оние за ублажување болката и подобрување на спиењето. Во некои случаи може да се препорача додаток на железо, но тоа мора да се направи под надзор на специјалист или квалификуван општ лекар.