Антонио Пандовски е млад атлетичар од Прилеп, кој својата визија за чување на споменот на неговите починати родители ја гледа во еден несекојдневен потфат – ќе трча патека долга 400 километри од Ниш до манастирот „Св. Василије Острошки“ во Црна Гора за да собере пари за лекување на деца болни од рак.
Се нафативте на еден подвиг, да трчате до Острошкиот манастир во Црна Гора. Што ве поттикна на ваков чекор?
-Многу ја сакам хуманоста во животот и одовде започна сè. Секој хуманитарен подвиг за којшто сум слушнал дека го направиле луѓе, не само овде, туку и ширум светот, во мене будеше поттик и мотив да и јас еден ден на некој начин направам нешто што би променило барем еден живот. Затоа одлучив да биде тоа баш на ваков начин, со мојот спортски подвиг да помогнам да се спаси нечиј детски живот. Одлучив тоа да биде „Св. Василије Острошки“, затоа што неговата исцелителна моќ сите ја знаеме, а во мојот избор на манастирот во Острог имаше силна улога загубата на моите родители. Татко ми го загубив пред девет години, а мајка ми пред година дена. Најзината преголема желба да го посети Острог никогаш не се исполни. Многу сакаше да го види манастирот и да се поклони пред светителот. Затоа одлучив, на некој начин, да и ја исполнам таа желба со ваков хуманитарен подвиг. Додатен мотив ми е и тоа што мојот покоен татко се викаше Васил, како и светителот „Св. Василије Острошки“.
Сакате со подвигот да соберете средства за децата болни од рак. Има ли посебна причина зошто ги одбравте токму децата болни од рак?
– Нема посебна причина. Едноставно сите деца ми се слабост во животот. Многу сакам деца, верувам сите ги сакаме децата, а кога ќе видам некаде или ќе прочитам дека некое дете или бебе боледува од некоја болест, па се собираат донации, а особено кога дете боледува од канцер, душата ми се кине. Можам да замислам како им е на тие родители. Затоа сакам да се соберат што повеќе средства и да спасиме што повеќе од нашите мали херои. Знам дека ќе успееме да собереме солидна сума. Сигурен сум.
Има ли и други атлетичари кои ќе ви се придружат на подвигот? Колку време планирате да трае потфатот?
– Целиот подвиг планирам да трае некаде околу 11 до 12 денови. Таа е мојата проценка. Стартната точка ќе биде Ниш, а должината на патеката некаде околу 400 километри. Во моментов сеуште нема други атлетичари кои пројавиле желба да ми се придружат. Верувам дека ги има, веројатно до стартот на подвигот ќе се јават. Секој кој што сака, може да ми се приклучи, ќе ми биде мило.
Побаравте поддршка во финансирањето на потфатот. Најдовте ли поддршка?
– Да, има една фондација која изрази желба да ме поддржи во овој подвиг. Очекувам деновиве да разговараме за деталите. Фондацијата се вика „Ице Бегов“.
Сакате ли подвигот да прерасне во традиција? Да стане движење на повеќе атлетичари можеби?
-Сакам да прерасне во традиција, тоа би било прекрасно. Знаете, секогаш првата организација, првото издание на секој еден традиционален настан е најголем предизвик, но јас сум голем оптимист и мислам дека ќе имаме одлична прва организација, дека ќе ми се придружат и други атлетичари и спортски клубови. Јас сум многу мотивиран да правам вакви и слични зафати, се надевам дека ќе биде успешно и како што треба.
Мартин Каровски