Се погласни се најавите на граѓаните на социјалните мрежи во однос на високите цени на храната каде се повикува на еднодневен бојкот во петок, 31 јануари, кога купувачите ќе треба да се воздржат од пазарување во продавниците и големите маркети.
Ваквата идеја наиде на поддршка и од Владата и од опозициската СДСМ. Ситуацијата со цените во маркетите е загрижувачка. Имено, минималните трошоци на едно четиричлено семејство во Северна Македонија во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември.
Синдикалната минимална кошничка во моментов изнесува 63.252 денари. За една година, минималните трошоци за храна и пијалоци се зголемени за 10,43 проценти, а зголемување од 123 денари има и во последниот месец, иако на сила беше Новогодишната кошничка, мерка која се покажа како неуспешна.
Токму за најавениот бојкот во петок, ММС разговараше со Татјана Тасевска, правен советник во Организација на потрошувачите на Македонија.
Тие го поддржуваат бојкотот на граѓаните бидејќи се на став дека цените на прехранбените производи се превисоки, и покрај сите напори кои се направија со новогодишната кошничка за општествена одговорност на компаниите.
„Граѓаните сепак се пожалија дека таквата мерка не вроди со плод, цените останаа високи и од тие причини сметаме дека оваа организирање кое што го има на социјалните мрежи од страна на граѓаните е во ред, би требало да се направи бојкот. Каков резултат ќе даде бојкотот е веќе друго прашање. Ваквиот потег е краткорочна мерка, но ќе ги поттикне институциите да работат поинтензивно, да се прават поголеми контроли, а владата во секој случај да донесе мерки кои навистина ќе се одразат на намалување на цените на производите“, вели таа.
Според неа, самите трговци видоа дека има простор за манипулација, па така ги зголемија и самите цени.
„Овде се поставува прашањето пак дали тие меѓусебно се договараат, дали има некакви договори помеѓу големите маркети за назначување на одредени цени, а тоа секако ќе треба да го исконтролира Комисијата за заштита на конкуренција. Мерки од институциите ќе има бидејќи започнато е веќе со одредени санкции, меѓутоа ќе видиме каков резултат тоа ќе има на намалување на цените“, рече Тасевска.
Во Организацијата на потрошувачите на Македонија се обратиле граѓани кои се пожалиле дека за сметка на намалените цени во рамките на Новогодишната кошничка, енормно биле зголемени други производи кои не биле на таа листа.
„Можеби институциите не реагираа на време што се однесува до цените во маркетите, порано требаше да се направат анализи, согледувања и слично. Инспекциите во исто време мораа побудно да реагираат и доколку сметаа дека навистина се зголемени цените, да се донесат други мерки, дали тоа ќе биде подолгорочно замрзнување на цените или нешто сосема друго, но да бидат превземени мерки кои навистина ќе имаат ефект“, децидна е таа.
Во однос на тоа дали бојкотот во Хрватска е добар пример, таа рече дека истиот донел ефект и ги натерал институциите да реагираат, но и дека и македонските граѓани сега ќе мораат да покажат сложност за најавениот бојкот.
„Ако најавениот бојкот во петок е успешен и продолжи и во наредните недели, истиот може да придонесе самите компании да почувствуваат на свој грб намалување на профитот, да излезат во пресрет и да ги намалат цените. Ќе видиме кај нас како ќе тече бојкотот, дали ние како граѓани ќе бидеме општествено одговорни и ќе прифатиме да не пазариме. Претходно се повикувало и на други акции како на пример во делот на загадувањето, па одзивот бил слаб, така што допрва ќе видиме колкав број од луѓето ќе го поддржат овој бојкот“, кажа Тасевска.
Кристијан Трајчов