Градоначалникот на Тетово Биљал Касами од денешниот брифинг заедно со директорите на претпријатијата и раководителите на сектори одговори на писмото на Сојузот на борци кои му порачаа да не се менуваат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народностите. Касами рече дека тоа е минато време и систем, а имињата на улиците ќе рефлектираат согласно новиот демократски концепт.
– Ние не можеме да бидеме заложници на едно време. Македонија до деведесеттите години беше под Југославија и беше нели комунистички систем, монистички систем каде имаше други херои кои ги славевме. Сега сме во демократска држава, а сега имаме нов концепт со кој ги создаваме институциите и ја градиме државата. Тоа е европски демократски концепт и согласно тоа, тоа сигурно ќе рефлектира и во имињата на улиците во градот Тетово. Тоа не е против никоја етничка група во градот, а тоа е во интерес на сите етнички групи, но мора да рефлектира реалноста, сегашноста и тоа што ние сакаме да градиме во иднина, истакна Касами.
Тој рече дека одредени имиња ќе останат, а иницијативата е насочена првично за евидентирање на улиците, а потоа именување. Била формирана комисија која ќе ја реализира целата оваа постапка за именување на улиците, а граѓаните ќе може да учествуваат со предлози. Според него во таа комисија членуваат претставници на сите советнички групи и надворешни експерти.
– Во таа комисија има и Албанци и Македонци, има и од позиција и од опозиција. Има и надворешни експерти кои ќе дадат свои придонес во целиот процес. Самата инцијатива не значи дека сите имиња кои постојат ќе бидат преименувани. Еден пример ќе дадам, не знам што е идентификација на Македонија и Тетово со името „Кавказ“. Во Тетово има улица „Кавкаска“ и не знам што сакаме да покажеме со тоа име на улица. Неколку примери има вакви со кои нема ништо заедничко ни Тетово ни Северна Македонија и тие улици сигурно ќе се преименуваат но улиците на македонските херои кои се налик и на ова време сигурно дека ќе бидат земени предвид, и ако комисијата одлучи да останат ќе останат, истакна Касами.
Со оглед дека во Тетово дел од улиците се преименувани во 2007 година, но не се прифатени од централната власт, па има користење по две имиња, Касами вели тоа ќе се смени со нов закон. Според него, таа регулатива ќе овозможи да се користат имиња донесени од страна на општините и ќе има централен регистар.
МИА