Многу луѓе во различни објекти за домување се загрижени затоа што во соседниот стан или на соседниот кат се врши рентген дијагностика од страна на некоја ординација.
Голем дел од стоматолошките ординации се лоцирани во станови, кои примарно се изградени за домување, а во нив имаат апарати за рентген дијагностика на заби, кои, пак, имаат јонизирачко зрачење. Општо познато е дека јонизирачкото зрачење е штетно по здравјето и мора да има строга регулатива за тоа во какви услови смее да се одвива.
Во Македонија постои институција надлежна за оваа проблематика – Дирекција за радијациона сигурност, која е основана со Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, со кој се уредува системот на контролата на сите извори на јонизирачко зрачење, како и заштитата на населението и околината од изложеност или потенцијална изложеност на јонизирачко зрачење.
ММС разговараше со Зоран Бајовски за работата и надлежностите на Дирекцијата.
Кои се надлежностите на дирекцијата, вие освен што издавате дозволи, сте и регулатор?
-Дирекцијата согласно одредбите од Законот е основана за вршење на управните и стручните работи од областа на заштитата од јонизирачкото зрачење како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице. Надлежностите на Дирекцијата произлегуваат од одредбите на законот и помеѓу нив се: водење на постапката на пријавување, издавање и одземање на дозвола за вршење на дејност со извори на јонизирачко зрачење и контрола на изворите на јонизирачкото зрачење; водење на Национален регистар на изворите на јонизирачкото зрачење и на професионално изложени лица, како и регистар за нуклеарен материјал; надзор над стручната работа на правните лица кои работат со извори на јонизирачкото зрачење; соработка со други органи на управата и институции во врска со работите што се во надлежност на Дирекцијата; воспоставување на соодветен начин за информирање на населението во врска со заштитата од јонизирачкото зрачење; изработка на План за заштита на населението во случај на радијационен вонреден настан во Република Македонија; инспекциски надзор и слично.
Со која фреквенција се вршат надзорите? Ги има ли низ цела Македонија?
-Надлежностите на Дирекцијата се однесуваат на контрола на изворите на јонизирачко зрачење и на правните лица кои вршат дејност со нив на целата територија на државата. Дирекцијата не располага со подрачни одделенија и нејзините активности на надзор се спроведуваат од страна на Одделението за инспекциски надзор на целата територија на државата. Фреквенцијата на инспекциските надзори на Дирекцијата се одредува врз основа на радијациониот ризик кој со себе го носи дејноста со изворите на јонизирачко зрачење и категоријата на изворите кои се во прашање. За таа цел на крајот на секоја година за наредната од страна на Одделението за инспекциски надзор се подготвува Годишна програма за инспекциски надзор во кој се предвидуваат инспекциските надзори и нивната фреквенција. Категоризацијата на изворите се врши врз основа на подзаконски акти донесени од страна на директорот на Дирекцијата и објавени во Службен весник. Врз основа на подзаконските прописи се врши категоризација на извори од прва до пета категорија. Во првата категорија се изворите кои претставуваат извори со највисока активност и се најопасни доколку не е обезбедена соодветна сигурност и безбедност, додека изворите од петата категорија се извори кои имаат најмала активност. Во нашата држава нема извор од прва категорија.
По кои критериуми дирекцијата ги бира субјектите за надзор? Како ќе знае дирекцијата дека постои некој што работи со извори на јонизирачко зрачење ако тој субјект не е регистриран или пријавен како некој што работи со извори на јонизирачко зрачење?
-Како една од основните надлежности на Дирекцијата е издавањето на дозволи за вршење на дејност со извори на јонизирачко зрачење. Постапката за издавање на дозвола започнува со поднесување на барање до Дирекцијата со сите потребни документи согласно законските и подзаконските одредби. Поднесеното барање и сите доставени документи подлежат на проверка и проценка за исполнување на условите за вршење на дејност со извори на јонизирачко зрачење земајќи ги предвид основните принципи на радијационата заштита од страна на Одделението за дозволи/лиценци, мониторинг и вонредни настани. Доколку е поднесена комплетна документација се врши проверка и проценка за исполнетоста на условите за издавање на дозволата врз основа на доставената документација и увидот на лице место кај правното лице за што се составува записник. Согласно документацијата и записникот од извршениот увид во зависност од исполнување на условите за вршење на дејност со извори на јонизирачко зрачење се издава дозволата или се одбива барањето за издавање на дозволата.
Дирекцијата издава и дозволи за увоз на извори на јонизирачко зрачење преку електронскиот систем EXIM при што има увид на сите извори кои се увезени во нашата држава и увозникот. За изворите пред да бидат ставени во употреба и со нив да се врши дејност со истите е потребно да се извести Дирекцијата за крајниот корисник за да добијат дозвола од страна на ДРС по исполнување на сите законски и подзаконски услови. Во случај на менување на сопственоста над изворот на јонизирачко зрачење веднаш се известува Дирекцијата.
Решение за вршење на здравствена дејност во приватни здравствени установи врз основа на исполнување на условите за потребниот простор, опрема и стручен кадар за основање, почнување со работа и вршење на здравствена дејност во здравствени установи се издава од страна на Министерството за здравство.
Дополнително, освен во редовна постапка за добивање на дозвола за вршење на дејност со извори на јонизирачко зрачење, Дирекцијата преку инспекторите за радијациона сигурност согласно законските надлежности и овластувања врши и вонреден инспекциски назор. Вонредниот инспекциски надзор се врши врз основа на иницијативи, претставки, предлози поднесени од државни органи, правни и физички лица, како и во случај на сомневање на инспекторот.
Кои се вашите надлежности ако утврдите дека одреден субјект работи без дозвола и надвор од правилата? Што е следно?
-Надзор над примената на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност и прописите донесени врз основа на него врши Дирекцијата. Работите на инспекцискиот надзор над спроведувањето и примената на законот и прописите донесени врз основа на него врши Дирекцијата преку инспектори за радијациона сигурност. Во вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторот има право и овластување да превзема соодветни мерки како на пример: нареди отстранување во определен рок утврден недостаток или неправилност во работата; забрани за вршење на дејност или употреба на опрема; нареди и други мерки за заштита од јонизирачко зрачење и сигурност на изворите.
Започнување со работа без дозвола од страна на Дирекцијата претставува прекршок предвиден согласно одредбите на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност за кој се изрекува глоба за прекршок по спроведување на прекршочна постапка која се води согласно одредбите од Законот за прекршоците.
Како граѓаните самите да проценат дали некој во нивна близина работи без дозвола или не?
-Правните лица кои имаат поднесено барање за добивање на дозвола за вршење на дејност со извори на јонизирачко зрачење и кои имаат добиено дозвола од Дирекцијата имаат обврска истата да ја истакнат на видно место во своите простории со цел информирање на јавноста.
Што треба да преземат граѓаните ако сфатат дека некој работи без дозвола?
-Во тој случај е потребно да ја контактираат Дирекцијата на дежурниот телефонски број кој е објавен на веб страната на Дирекцијата и тој е следниот: 075/ 25 42 25. Веб страната на Дирекцијата е www.drs.gov.mk.
Каровски Мартин