Ќе може да се отповика градоначалник на општина или на Град Скопје веќе од следните локални избори. Ова е проекцијата на Владата во однос на измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа, за кои денеска во Штип се одржа уште една консултативна средба меѓу Министерството за локална самоуправа, експертите и градоначалниците од источниот регион.
- Адаптацијата на Предлог измените на Законот за локална самоуправа да заврши до крајот на март и потоа да влеземе во консултации со сите парламентарни политички партии и да отвориме таму една дискусија, за да и таму ги презентираме работите, коишто сакаме да ги имплементираме во новото законско решение. Така што очекувањата се од следните локални избори изменетиот Закон за локална самоуправа ќе биде применлив, вели министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
На прашање на ММС, дали мотивот за ваквите измени е актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, министерот посочи дека, меѓу другото, „виновна“ за измените е и таа:
- Главната иницијација за референдумски отповик на градоначалник, меѓу другото е и, да, состојбата којашто ни се случува во Скопје. Но, главната иницијација се потребите и барањата на граѓаните. Сите функционери во Република Македонија се заменливи, освен градоначалниците и сметаме дека тоа не значи казна за градоначалниците, туку напротив, ние тоа го гледаме како подобрување и зголемување на квалитетот на нивната работа, додава Перински.
Законот се базира на три основни столбови:
- Три главни постулати се, првиот е референдумска можност за отповик на градоначалник, којшто несовесно постапува или оној којшто не ја извршува својата функција. Втората е да се воведе и во законот да се препознае комуналниот редар. Затоа што навистина имаме можеби мал број да се превенираат и тие девијантни појави, коишто ги имаме од граѓаните и третиот главен постулат којшто се однесува во насока на измените на Законот за локална самоуправа се поголема вклученост на граѓанскиот сектор, бидејќи на тој начин сметаме дека локалните самоуправи можат да носта поиздржани и поквалитетни решенија за граѓаните, подвлекува Перински.
Еден од конултираните експерти е универзитетскиот професор, Гордан Георгиев:
- Треба да бидат поотчетни кон граѓаните, подостапни кон граѓаните, и мал сегмент којшто ќе предвидиме и ќе поразговараме, околу можноста, и европските практики, за отповикување на градоначалниците. Се разбира вие ги знаете, тука се работи за разни проценти, до кое ниво би било продуктивно, до кое ниво би било контра продуктивно, вели Георгиев.
Според штипскиот градоначалник, мора да постојат критериуми и контролен механизам во работењето на општините и градоначалниците:
- Не смееме да дозволиме општините, градоначалниците вклучувајќи се и јас самиот себе да оставиме можност да не се развиваат општините и ова да зависи од волја на одреден градоначалник. Во исто време не смееме да дозволиме општините да бараат милост за развој на средините, за развој на општините. Така да она што е многу значајно и битно е да има контролен механизам на функционирањето на локалните самоуправи, вклучувајќи ги градоначалниците. Во исто време фискалната децентрализација е значајна, но исто така и критериумите по кои ќе се одвива таа фискална децентрализација е многу битна, вели Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Ова е втора по ред консултативна средба, која е дел од проектот насловен како „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од Министерството за локална самоуправа и Швајцарија.
(М.К.)