Под раководство на надлежен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а по претходно обезбедена наредба од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за претрес на службени простории и лице, вчера единиците на МВР приведоа полициски службеник осомничен дека примил поткуп.
-При претресот е пронајдена – кримтехнички обработена банкнота од 50 евра, како и други парични средства и документација од други лица.
Осомничениот, вработен во Отсек за странци и реадмисија, на 16.1.2025 година во службените простории ја повикал оштетената која ја изгубила патната исправа и требало да извади нова. Притоа без да изврши проверки за претходно изгубениот пријавен пасош и да ги запази работните процедури ѝ дал уплатница за да уплати за издавање на нов. Откако го уплатила износот, оштетената се вратила во просториите на Одделот за управни работи и на осомничениот му ја предала уплатницата прашувајќи го за временскиот рок на постапката за издавање. Осомничениот одговорил дека се чека од 6-12 месеци, на што оштетената негодувала, а осомничениот со гестикулации протривајќи ги прстите ѝ покажал дека треба да плати 50 евра за услугата велејќи „знаете дека ние не се трудиме џабе”. Оштетената кажала дека нема пари во себе и ако не е проблем да ја почека да земе, а ако не стаса во текот на денот, да му ги предаде наредниот ден, на што осомничениот се согласил и рекол дека ќе ја чека за да ја заврши работата, информираат од ОЈО и додаваат:
-По излегување од зградата, оштетената свесна дека тоа што осомничениот ѝ побарал пари без да ги уплати на сметка за побрзо да ја добие патната исправа е кривично дело, случајот го пријавила во полициска станица. Во текот на вчерашниот ден му ја предала кримтехнички обработената банкнота на осомничениот која беше пронајдена при претресот. Предметниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против осомничениот, а на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи со решение на осомничениот да му изрече мерка притвор во траење од 30 дена, се вели во информацијата од ОЈО.
За овој случај подоцна информираа и од МВР.
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во кординација со Секторот за економски криминал и корупција-Оддел за криминалистичка полиција при МВР на 17.01.2025 до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Ф.Р. (40) од Скопје, за сторено кривично дело „примање поткуп”, предвидено и казниво по чл.357 од КЗ.
-Пријавениот Ф.Р., во својство на овластено лице, вработен во МВР-Отсек за странци и реадмисија при Регионален центар Север, на 16.01.2025 со намера да се стекне со противправна имотна корист за себе, побарал и примил поткуп во износ од 50 евра. Имено, оштетената ја изгубила патната исправа, па на 15.01.2025 се сликала за издавање на нова патна исправа по итна постапка, а на 16.01.2025 била упатена во службените простории во зградата на МРТ, каде била повикана од страна на пријавениот Ф.Р., со цел давање појаснување за изгубената патна исправа, по што и дал потврда со која се потврдува приемот на барање за издавање патна исправа и уплатница за глоба. Откако оштетената ја извршила уплатата, повторно се вратила во службените простории кај пријавениот, кој и побарал и примил поткуп во износ од 50 евра за да може побрзо да и издаде нова патна исправа, бидејќи за постапката се чекало од 6 до 12 месеци. Со тоа Ф.Р. сторил кривично дело „примање поткуп” предвидено и казниво по чл.357 од КЗ.инфомираат од МВР.