Неразумното расфрлање со народни пари од пратениците во име на патни трошоци продолжува. За удобно патување на претставниците во законодавниот дом од народни пари е платено 300.000 евра за изминатата 2024 година, односно околу 280.000 евра е потрошено за претходната 2023 година, се вели во соопштението на Левица .
Затоа, додаваат од партијата, нашите пратеници во понеделник до Собранието ќе поднесат Закон за патни трошоци со кој драстично ќе се намали расфрлањето со народни пари од страна на пратениците.
-За време на мандатот на претходниот собраниски состав, пратениците инкасирале над еден милион евра. Расфрлањето со народни пари за претходните години изгледа вака:
– За 2019 година исплатен износ од 390.993 евра;
– За 2018 година исплатен износ од 522.930 евра;
– За 2017 година исплатен износ од 512.000 евра;
– За 2016 година исплатен износ од 698.797 евра;
– За 2015 година исплатен износ од 770.883 евра;
Покрај злоупотребата на патните трошоци, (гориво, патарини, амортизација), добар дел од пратениците наплаќале кирии во висина од 400 евра месечно. Дел од нив наплаќале за кирии и покрај тоа што поседуваат станови во главниот град. Арач кој е дополнително наплатен врз грбот на граѓаните. „Битката“ за најмногу потрошени народни пари по овој основ ја водат пратениците на ДПМНЕ, кои се во блага предност пред пратениците на СДС, а за овој мандат во „битката“ им се приклучија и пратениците од ЗНАМ, информираат од партијата и додаваат:
-Потсетуваме дека Левица го оспори незаконското наплаќање патни трошоци на пратениците, кое започна во времето на груевизмот од 2006 година. Тогашниот претседател на Комисија за прашања на изборите и именувањата – Трајко Вељановски кој заедно со уште 13 пратеници од ДПМНЕ и СДС донесе „Одлука за висината на надоместоците на пратениците за користење автомобили во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина“. За жал, Уставниот суд тогаш потврди зошто ужива „доверба“ од 2% и ја отфрли иницијативата на Левица, се вели во соопштението.
Левица е пет години парламентарна партија, но за патни трошоци нема наплатено ниту денар. Покрај иницијативата на Уставен нашите пратеници поднесоа и Закон за патните трошоци на пратениците во 2021 година, којшто заеднички беше одбиен од широката коалиција, иако во нивните предизборни програми сите имаа вакво ветување!