Ангела Маџирова или попозната како ANGIE е млада девојка од Богданци која е артист, песнописец и композитор. Таа го издаде својот прв проект, односно мини-албумот “Bitter Blues”, а песните спаѓаат во поп-алтернатив жанрот, а имаат и големи влијанија од блуз музиката.
„Песните раскажуваат приказни од секојдневниот живот сами по себе, но и формираат заедничка целина преку горчливата природа и синото, помалку мрачно чувство низ мелодиите, лирските тематики и самата продукција. Четири од песните се напишани од мене, додека последната е напишана од Кол Хатчинсон, мој драг пријател и колега којшто исто така се погрижи за продукцијата, микс и мастеринг на целиот проект. Целиот процес беше едно преубаво искуство кадешто успеавме да ги споиме нашите идеи и начинот на којшто функционираме како музичари и да направиме нешто што не обележува и двајцата“, вели Маџирова.
Во моментов таа е студент на Berklee College Of Music во Бостон, а нејзин главен смер е Songwriting – компонирање песни, а споредни смерови пак и се филмска Музика и пишување Мјузикли.
„Доаѓам од Богданци и уште од мали нозе сакав и почнав да творам песни, додека љубовта кон музиката е нешто што секогаш постоело во мене. Започнав да одам на часови клавир на седумгодишна возраст, а со текот на времето почнав да членувам и во играорна група, хорови, оркестри и слично. Кога отидов на Беркли успеав да се пронајдам себе како музичар и да си ја одредам насоката во којашто сакам да се остварам. Покрај неделите поминати во соби за вежбање, пред микрофон и над книгите, запознав и колеги со коишто многу брзо “кликнавме“ и пронајдовме заеднички јазик за соработка и творење, но и дружба“, рече таа.
На тој начин се запознала и со нејзиниот продуцент Кол Хатчинсон.
„Соработката со него започна на предавања, а сега веќе и прерасна во професионална соработка од којашто и произлезе“Bitter Blues”. Во наредниот период ќе продолжиме да соработуваме со Кол и да твориме нова музика. Планирам да ги проширам видиците во однос на компонирањето песни и да опфатам и други жанрови и теми во моите песни, како и други бранши коишто отсекогаш ме интересирале и ги изучувам во моментот“, изјави Маџирова.
Таа има за цел да се оствари како композитор, односно пишување песни лично за неа како артист, за други артисти, но и компонирање песни и музика за филм и телевизија.
„Како музичарка, најголемиот дел од моето творештво поседува театралност и драматично дејствие, па една од моите кариерни цели се да пишувам музика и текст за мјузикли, а и да учествувам во самата продукција на истите. Сметам дека музиката е многу моќно средство коешто ги обединува луѓето и им дава инспирација во моменти и времиња кога нема надеж и позитивно мислење. Верувам во тоа дека треба да бидеме промената којашто сакаме да ја видиме, и мојата цел во музиката е да помогнам со моите стихови и мелодии на каков начин можам, и да придонесам кон подобри промени во светот, а се разбира и да предизвикам насмевки и весели лица“, рече таа.
(К.T.)