Британски Телеграф објави листа на најубави и најгрди крајбрежни места во Европа, а меѓу нив се најдоа и хрватски градови.
„Ровињ, сместен на мал полуостров со црква на рид, е совршено место за одмор покрај море. Со рибарско пристаниште полно со ресторани, модерни хотели и разни места за спортови на вода, овозможува незаборавно искуство. Истражете го островот Свети Андрија, нурнете до потонатиот брод Барон Гауч, возете велосипед низ Златни Рт или уживајте во вечерата покрај морето“, пишува Телеграф.
И покрај воодушевувањето од Ровињ, според Телеграф, Плоче зазема место меѓу најнепривлечните крајбрежни дестинации во Европа.
„Сместено на половина пат помеѓу Дубровник и Сплит, на спектакуларниот, но заморен крајбрежен пат, Плоче лесно може да ве наведе да мислите дека е разумно место за застанување. Во реалноста, тоа е напуштено пристаниште со петрохемиски терминал и силоси за жито, сместено на устието на реката Неретва. Плоче има железничка линија што води до Сараево (денес работи само во лето, нудејќи живописна рута долж долината Неретва во Босна), а исто така има и корисна ферибот линија Јадролинија до Трпањ на Пељешац. Но, тоа не е место каде што би сакале да останете“, напишаа тие.
Освен Плоче, на листата на најнеатрактивни места се и Монако, Остија во Италија, Кемер во Турција, Ла Линеа де ла Консепсион во Шпанија, Лаганас во Грција и Албуфеира во Португалија.