Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар вечер ќе ја пречекаат Стара нова година, која почнува утре на Василица (1 / 14 јануари).
Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики, како Васил, Васко, Васе, Васка…, го слават својот именден. На семејната трпеза се крши погача со паричка, а се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.
По повод празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.
Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.
Покрај Македонската православна црква, според Јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и монасите на Света Гора. За разлика од нив, по Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.
Инаку, Црквата си има свое празнување и почеток на Новата година, но тоа се случува на 1 / 14 септември.
На овој ден се посетуваат литургиите во црква и се пали свеќа за здравје. Во домот се палат остатоците од бадниковите гранчиња, а покрај лепче се замесуваат пити или крофни во кои, како на Божиќ, се вметнува паричка.
Исто така, се верува дека покрај богата трпеза, на овој ден во куќата треба да се внесе нешто ново купено, за куќата и членовите на домаќинството да имаат напредок во текот на целата година.
Старите велат дека на овој ден никогаш не треба да се карате, бидејќи во спротивно ќе ве „тера баксуз“ цела година. Затоа е подобро да молчите и да простувате каква било навреда.
Пред зори девојките се качувале на таван и ги фрлале чевлите низ вратата во дворот, па ако чевлите кога ќе паднат се насочат од куќата кон надвор – тоа е знак дека ќе тргнат во тој правец, односно ќе се омажат.