Ѓубрето во Шуто Оризари кое со денови ѓи труе граѓаните ги скара градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш. Додека купот отпад станува се поголем и поголем низ улиците во општината тие со преписки го „решаваат“ проблемот.
Во синоќешното соопштение до медиумите Арсовска рече дека „Курто Дудуш фатен како ги труе граѓаните на Скопје и Шуто Оризари, ќе одговара за 7 кривични дела без разлика на драмите што се обидува да ги продаде во јавност.“
-Денес на терен инспекторите на градот Скопје со асистенција на интервентна полиција, констатираа нови кривичните дела на Курто Дудуш, при креирањето нова дива депонија за што е поднесена нова кривична пријава, со која дополнително се бара одговорност за загадувањето со канцерогени материи, со што Дудуш директно го загрозува здравјето на граѓаните на градот Скопје. На овие кривични пријави им претходи кривична пријава за дива депонија на територија на општина Шуто Оризари, која Курто Дудуш ја прави на лично свое приватно земјиште за што сам со себе во име на општината си склучил договор, а за што е фатен и за истото е изречена глоба и веќе е покрената пријава за соодветна одговорност. Јавноста треба да знае дека Комунална Хигиена Скопје редовно ги завршува своите активности во општина Шуто Оризари, а за она што е надлежност на градоначалникот Курто Дудуш, и контејнерите кои сам ги поставува на територијата на општината друг не може да биде одговорен, велат од Град Скопје и додаваат:
-До овој момент против градоначалникот на општина Шуто Оризари Курто Дудуш поднесени се повеќе од 40 кривични пријави од кои најголем дел се однесуваат на сериозна злоупотреба на буџетски средства, исплати на пари без соодветни постапки и распишан тендер, креирање на диви депонии, загрозување на животната средина и здравјето на граѓаните. Хаосот на Дудуш во Шуто Оризари настанат поради неговата неспособност и лукративни интереси, ќе го средиме за да се спречи загрозувањето на здравјето на жителите од општината, а ќе одиме до крај за целосно расчистување на случајот за Дудуш, криминогениот трујач на Скопјани да ја добие заслужената казна за делата за кои е утврдено одговорен, се вели во соопштението.
Набргу потоа од Град Скопје пристигн уште едно соопштение во кое се вели дека Градот Скопје од вчера вечерта организирло вонредна акција за чистење и дезинфекција на општина Шуто Оризари со цел спречување на ширење на зарази и загрозување на животната средина на жителите на општината предизвикани од Курто Дудуш.
-Екоцидот кој во моментов се случува во општина Шуто Оризари е резултат на криминогеното и неодговорно однесување на градоначалникот Курто Дудуш. Дудуш си поставил свои приватни контејнери на општинските улици, а на граѓаните им наплаќа за чистење на отпад на парагон блокче за што се располага со соодветни докази. Потоа, иако знаел дека е незаконски, отпадот го складирал на свој имот односно приватна парцела во негова лична сопственост со која си склучил договор и ја дал под закуп на општината. Отпадот кој го собирал спротивно на закон и си наплаќал за истото, потоа наместо да го одложи во единствената акредитирана депонија “Дрисла” тој со истиот си направил приватна депонија. За ова веќе се утврдени соодветни противзаконски дела, составени се записници и поднесена е пријава. Жителите на Шуто Оризари не се должни да го трпат теророт од криминогениот Курто Дудуш, затоа од вечерва градот Скопје организира вонредна акција за чистење и дезинфекција на општината. Апелираме до надлежните органи итно да ги превземат сите соодветни мерки за санкционирање на лицето Курто Дудуш, а градот Скопје стои на располагање за дополнителни појаснувања и достава на сите докази со кои располага за утврдениор екоцид во режија на Дудуш, се вели во второто соопштение.
Веднаш по овие две соопштенија со ракција се јави и градоначалникот Дудуш. Ви го пренесуваме и неговото соопштение во кое вели:
-Најпрвин за пријавите кои ги споменува Данела, дежаву е веќе да ги користи истите изјави за сите кои „ќе и застанат на патот„, нека биде малку покреативна во своите нискобуџетни изјави и нека внимава со какви спектакуларни бројки и изјави се појавува во јавност бидејќи ќе одговара за навреда и нарушување на углед и чест доколку не се извини. За моето 7 годишно работење како градоначалник, за мојата работа, немам ниту една кривична постапка!
За дополнителните 7 кривични пријави, поради одлагање на отпад на мојот приватен имот, фактура ќе добие лично таа бидејќи со месеци и го покривам срамот и се обидувам нејзиното неработење да не влијае во креирање на слика дека нашата општина е препознатлива по депонии. Напротив, во време кога Шуто Оризари интензивно се модернизира, урбанизира и развива, најмалку што можам да направам е нејзиниот срам да го тргнам од улиците на мојата општина и да го складирам на приватно земјиште, свесен дека за тоа ќе трпам лична штета – уништување на мој приватен имот. Јас не сум ниту производител на ѓубре ниту пак имам материјална корист од прибирање на ѓубре!
Отпадот кој со месеци тлее низ улиците на Шуто Оризари, без многу стручни анализи на лабаратории, јасно може да се види дека е комунален отпад, односно остатоци од храна и секојдневен отпад кои ги произведуваат домаќинствата.
Е сега, многу логично зошто било кој граѓанин да го истури своето ѓубре на улица доколку Комунална Хигиена која е под дирегентска палка на Данела редовно, како што е теоретски по план, два пати неделно ги собира кантите од домаќинствата? Одговорот на ова обично прашање го дава виновникот за оваа ситуација во која секојдневно живеат моите сограѓани! Данела, како резултат на инаетот кој и се јави после организираниот протест даде јасни инстирукции на ЈП Комунална хигиена – ниту една канта со ѓубре од Шуто Оризари нема да се собира!
Сите медиуми кои работат на истражувачко новинарство може да направат анализа колку акции направила Данела за собирање на диви депонии во општина Шуто Оризари во изминатите години. Нула- 0!!! Споредено со тоа што го промовира дека го работи во другите општини, јасно без многу филозофии може да се види системска дискриминација која ја врши врз нашата општина. Иако можам да кажам дека далеку од чисти се и другите градски општини. Како што жалам за граѓаните на општина Шуто Оризари, жал ми е и за граѓаните на општина Центар, Аеродром, Ѓорче, Чаир, Кисела Вода, Карпош и сите други кои се жртви на нарцисоидноста на Данела.
За своето неработење, за своето инатење пренесено во забрани за испорака на услуги на нејзините претпријатија, Данела ќе одговара. Ќе одговара на над 1000 кривични пријави кои ќе бидат лично пуштени од граѓаните кои плаќаат сметки редовно секој месец.
Јас како градоначалник, како што сум доследен секогаш во испорачување на услугите кои се во моја надлежност, ќе бидам и подржувач на граѓаните во барања за испорачување на сите услуги кои им следуваат од било која институција, се вели во соопштението на Дудуш.