Министерката за образование, Весна Јаневска, изјави дека појавата на нарачана изработка на магистерски и докторски трудови мора да запре. Таа нагласи дека Министерството веќе работи на воведување стандарди и мониторинг во високото образование и истакна дека во неколку државни универзитети се одземени неправилно стекнати звања и дека одредени лица се отпуштени од работа.
-Таа појава мора да запре. Како министерство веќе сериозно работиме на тоа да воведеме стандарди, но и мониторинг на случувањата во високото образование. Веќе е јавна тајна во Македонија дека се случуваат вакви неправилности. Она што го правиме секојдневно според можностите кои ни ги дава законот и според човечките капацитети кои ни се на располагање, е да сме присутни во сите високообразовни институции и научни институции. Во неколку државни универзитети веќе се одземени неправилно стекнати звања. Одредени луѓе се отпуштени од работа. Вчера го затворивме шестиот институт. Сериозно разговараме со Универзитетите, кои повторувам, имаат своја автономија која максимално ја почитуваме и ќе ја почитуваме, да направат серозни промени и во студиските програми, но и во начинот на кој ги избираат кадрите кои треба понатаму да ги образуваат младите, рече министерката на денешната прес-конференција во МОН.
Дополни дека министерството, во соработка со универзитетите, работи на новиот Закон за високо образование и Законот за научни истражувања, кои, според неа, се очекува да придонесат за подобрување на квалитетот на високото образование.
-Новиот Закон за високо образование на мое големо задоволство е веќе при крај, а го работи работна група која е формирана во новото национално координативно тело за реформи во високото образование. Исто така, и Законот за научни истражувања како и националната рамка за квалифиакицја на полиња, подрачја и области, кои треба да се донесат како пакет заедно. Кога ќе бидат готови, уште еднаш комисија од МОН ќе ги помине сите три документи, ќе направиме повеќе јавни расправи во универзитетите, доколку има потреба овојпат ќе имаме јавна расправа и во Собрание и потоа ќе го предадеме во владина и собраниска постапка, дополни таа.