Воздухот во Скопје, отровен. Главниот град се гуши во смог и утрово. Тоа го покажуваат анализите на швајцарската платформа која ги мери нивоата на загаденост, а според неа Скопје утрово се наоѓа на шестата позиција во светот со индекс на загадување 172 и воздух категоризиран како нездрав, пренесува Телма.
Мерењата покажуваат дека ПМ2,5 честичките утрово се застапени во воздухот со 85 микрограми на метар кубен, што, пак, е повеќе од 17 пати над дозволената горна граница која е утврдена од страна на Светската здравствена организација (СЗО). Високо е нивото и на ПМ10 честичките, а мерењата утрово покажуваат присуство на 131,4 микрограми на метар кубен.
По општини, најзагадено утрово е во Центар со индекс на загадување од 196, потоа следуваат Лисиче, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Ректорат, Кисела Вода. Утрово е загадено и во дел од останатите градови во земјава. Струмица води со индекс на загадување од 189, а по неа е Гостивар, па Тетово. Висок индекс на загадување утрово има и Кочани.