Здружението за заштита на животни ја поздрави веста дека Битолското обвинителство отвори предмет за фотографијата на заменик директорот на Македонија пат, Сашо Дранго, сликан со застрелана мечка, животно со највисок степен на заштита во Македонија е добар чекор кон разрешница, доколку сакаме да се наречеме правна држава.
-Преку дадените изјави, Сашо Дранго ја инволвира и институцијата во која е функционер, како и луѓето кои работат таму, а кои нема да дозволиме да послужат како параван. Имајќи предвид дека во билтенот на МВР не постои податок на сообраќајна несреќа со мечка за месец декември, како и дека во случај на таква постапка има строго дефинирана процедура согласно Законот за дивеч и ловство и Законот за заштита и благосостојба на животните – не смее да се постапува без МВР; како и дека мечката не е на пат туку во шума, и дека волку големо животно нема начин да се поместува за сликање, освен доколку е свежо убиено, невкочането (се уште топло), очекуваме брзо согледување на реалната состојба, брзо постапување и најстрога казна, велат од Здружението.
„Анима Мунди“ бара да се провери дали во месец декември постои пријава за убиство на мечка во некоја од надлежните институции или пак ОЈО.
-Доколку има пријава, дали службеници од МВР и пратеници се труделе да го сокријат случајот? Воедно бараме од министерот за внатрешни работи да провери и информира јавноста, дали Дранго кој на сликиве го гледаме во ловечка униформа, наоружан со снајпер и двоглед, има забрана за користење оружје и истото му е одземено во предходна постапка, т.е. дали овој снајпер кој го гледаме сите е држен спротивно на закон, прашуваат од Здужението.
Реакцијата на „Анима Мунди“ доаѓа по вчерашната изјава на Дранго дека мечката, со која е сликан на Фејсбук загинала во сообраќајка.