Организирана мрежа на увозници, шпедитери, возачи вработени во превозни компании и царински службеници употребувани возила на нелегален начин ставале во промет, што потоа завршувале на авто-плацеви во земјава без да се платат увозни давачки. Ова на прес конференција го соопшти директорот на Царинската управа Бобан Николовски, не наведувајќи за кои авто-плацеви се работи, односно за кои компании и инволвирани лица.
Запленети се 35 автомобили со вкупна вредност од 20 милиони денари, при што врз Буџетот на државата преку избегнување плаќање увозни давачки е нанесена директна штета од девет милиони денари.
Како што Николовски, постои сомневање, дека избегнатите давачки и штетата нанесена на Буџетот на државата е многу поголема, зашто е голема веројатноста изминатите години овие дела да се случувале повеќекратно.
-Досега, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се поднесени кривични пријави за 24 лица, 19 физички и пет правни лица, за сторени кривични дела: царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службена должност и овластување. Со целосно завршување на предистражните и истражните дејствија, кривични пријави ќе следат за други лица, при што некои од нив ќе се теретат за повеќекратно извршување на исти или слични дела. Во однос на царинските службеници кои извршиле злоупотреба на службена положба и овластување, во тек се дисциплински постапки, по што ќе следат соодветни казнени мерки, изјави Николовски на прес конференцијата.
Во овие случаи, информира директорот, Секторот за контрола и истраги при Царинската управа утврдил грубо кршење на законските прописи.
-Сторителите на кривичните дела кои биле учесници во добро организирана и разработена шема, изработувале фалсификувани придружни документи кои се потребни за завршување на царинската постапка и фиктивно гo раздолжувале транзитот без притоа да спроведат царинска постапка. Така, без да бидат платени царината и другите увозни давачки, возилата биле пуштани во слободен промет и истите завршувале на различни авто – плацеви во државата, напомена Николовски.
Тој порача дека се става крај на организираниот криминал и корупцијата.
-Откривањето на овие случаи е само почеток на она што следи. Ќе продолжи со засилено темпо откривањето и спречувањето на сите криминални појави, подвлече директорот на Царинската управа.
МИА