Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека над 300 000 пензионери повторно ќе добијат линеарно зголемување на пензиите за 2500 денари со мартовската пензија, по покачувањето од 2.500 денари во септември лани, со што ќе се заокружи ветувањето на Владата за повисоки пензии за 5000 денари.
Во одговор на новинарско прашање, Мицкоски повтори дека во новиот Буџет е предвидено зголемувањето на пензиите за 2500 денари со мартовската пензија која што ќе биде исплатена на почетокот на април.
– Со тоа се заокружува ветувањето дека во првата година пензиите линеарно ќе бидат зголемени за 5000 денари. За девет месеци тоа ќе го направиме. И мислам дека пензионерите се задоволни од оваа мерка и дека на некој начин успеваме да им ги олесниме пензионерските денови како Влада и ќе продолжиме во таа насока да работиме и во иднина. Повеќе од 300 илјади пензионери ќе го добијат ова покачување со мартовската пензија, изјави Мицкоски, по пуштањето во употреба на спортска сала во Радовиш.