Министерството за внатрешни работи ги соопшти деталите од вчерашниот трагичен настан, кога возило излета на локален пат Сарај-с.Рашче и заврши во Вардар. При тоа, пронајдени се телата на три жени, додека се’ уште се трага по уште еден патник во возилото.
-На 02.01.2025 околу 16 часот во СВР Скопје, било пријавено дека на локален пат Сарај-с.Рашче, патничко возило излетало од патот и паднало во реката Вардар. Веднаш на местото на настанот се упатени полициски службеници, Итната медицинска помош и јавен обвинител. Околу 21 часот полициски службеници од САЕ Тигар од водите на реката Вардар го извадиле возилото „ауди“ со скопски регистерски таблички, во кое биле пронајдени три починати женски лица Н.А.(23), В.А.(25) и З.А.(59) сите од с.Грчец, скопско, се вели во соопштението од МВР.
Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени за обдукција. Во несреќата со телесни повреди се здобило четиригодишно дете-сопатник, констатирани во Градската општа болница „8-ми Септември“.
Се’ уште се трага по А.А.(56) од с.Грчец,скопско, кој според исказ на роднини, бил во возилото пред да излета од патот. Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје, а екипи на СВР Скопје и Одделот за специјални полициски операции со физичко пребарување и пребарување со два дрона од страна на САЕ Тигар и Единицата за брзо распоредување преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицето.
Фотографија:ИНА