По сообраќајната несреќа во која попладнето автомобил излетал од патот кај село Рашче и паднал во Вардар, случајни минувачи донеле четиригодишно дете во ГОБ „Св. Наум Охридски“ кое потоа е пренесено во Клиничкиот центар во Скопје.
– Во 18 часот од ГОБ „Св. Наум Охридски” сме известени дека кај нив од страна на случајни минувачи е донесено четиригодишно дете, кое потоа е пренесено во Клинички центар, информираат за МИА од Министерството за внатрешни работи.
Засега нема официјални информации за бројот на патниците. Неофицијално во автомобилот се наоѓале петмина членови на исто семејството од селото Грчец. Станува збор за брачна двојка која патувала со едниот син и снаата од другиот син. Петтиот патник, според овие информации, било петгодишно дете кое излетало од автомобилот пред тој да падне во реката.
Екипа на САЕ Тигар презема мерки за вадење на автомобилот. На лице место е и јавен обвинител, како и екипи на Итната помош.
Несреќата била пријавена во СВР Скопје и како што соопшти МВР на локалниот пат за село Рашче патничко возило излетало од патот и паднало во Вардар.