Додека општините се натпреваруваа кој град поубаво да биде украсен за Нова Година, интересот за потрошените пари кај граѓаните од општинските буџети остана во сенка. Погледнавме во јавните набавки на триесетина општини и низ бројки и факти – најубаво украсените градови платија најмногу. И оваа година, компанијата Линк медиа ги однесе најголемите набавки. Вкупно 11 општини, две општински претпријатија и ГТЦ склучиле договори со Линк медиа во вкупна вредност од над 550.000 евра.
Поголемиот дел од општините и лани биле клинети на скопската компанија. Склучените набавки се за изнајмување на новогодишни украси, дизајн на украсување и поставување на новогодишно украсување. Според понудата, најскапо чини поставувањето на 3Д светлечка алуминиумска кочија – 330.000 денари, елката е 180.000, а над 100.000 се и сите новогодишни атракции, како поставување на 3Д фигури, како падобран, балон и сл. Поставувањето на дрвените куќички се од 18.000-25.000 денари, во зависност од големината.
Ова се износите на склучените договори со Линк медиа:
Општина Ѓорче Петров – 944.000,00 ден.
Општина Валандово – 1.180.000,00 ден.
Општина Пробиштип – 1.415.410,00 ден.
Општина Бутел – 1.770.000,00 ден.
Општина Росоман – 767.000,00 ден.
Општина Чаир – 1.180.000,00 ден.
Радовиш – орган на општината – 720.000,60 ден.
П Комунално Струга – 1.999.999,70 ден.
Општина Крива Паланка 2.242.000,00 ден.
Општина Штип – 3.540.000,00 ден.
Општина Кавадарци -1.000.000,44 ден.
ЈП Паркиралишта Струмица 8.500.000,20 ден.
Општина Аеродром – 3.540.000,00 ден.
Општина Центар – 3.700.000,01 ден.
АД Градски Трговски Центар – 1.298.000,00 ден.
Што се однесува до договорите на другите општини, од поголемите договори за новогодишно украсување: Општина Охрид, која склучила догворот со Друштво за трговија, производство и услуги МЕТАЛ ВАТ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје за 2.763.324,00 ден.; Општина Гевгелија со Друштвото за трговија и услуги ДИМЕНЗИЈА 360 ДООЕЛ Скопје – за 896.344,00 ден.; ЈП Куманово-паркинг Куманово со Друштво за градежништво, проектирање инжинеринг и трговија КЛИМО КОМЕРЦ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје за 3.000.000,14ден.; Општина Делчево со Трговско друштво за вработување на инвалидни лица-Заштитно друштво за производство, трговија и услуги БРЕГАЛ ДОО увоз-извоз Делчево за 1.180.000,00 ден.; Општина Велес со Друштво за трговија и услуги ЕВРОСТИЛ извоз-увоз ДОО Велес за 2.500.000,00 ден., и Општина Битола со Друштво за производство,трговија и услуги ГРИН ВЕЈ ДООЕЛ увоз-извоз Битола за 2.000.000,05 ден. Битола за празниците има уште еден договор за изнајмување на опрема за поставување на лизгалиште на плоштадот Магнолија, со охридското Друштво за трговија „Маредо“, договор вреден 1.677.000 денари. Лизгалиштето ќе остане на битолскиот плоштад до 19 февруари.
Фотографија Лизгалиште: Општина Битола ФБ
Некои од општините дополнително распишале набавки за новогодишни пакетчиња, новогодишни плакети и репрезентативни подароци. Исто така, во некои од градовите беше организиран дочек на Новата Година, што не спаѓа во овие набавки.
Оваа нова година пред нас е предизборна година, кога актуелните градоначалници и со други потези ќе се обидат да им угодат на граѓаните, кои и натаму во граѓанските приоритети ќе очекуваат и подобри улици за возењесо помалку сообраќајни гужви, редовно водоснабдување и изнесување на отпадот, улично осветлување, зеленило… со еден збор поквалитетен комунален живот.
В.К.