Освен многу денови со надминати прагови за квалитет на воздух, крајот на 2024 година го одбележaа и други „краеви”: крај на едногодишните мерења и анализи за квалитет на амбиентниот воздух во пет општини Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица, како и на воздухот внатре во градинките и училиштата. Воопшто не беа изненадување неодамнешните медиумски наслови – дека воздухот не е лош само надвор, туку и во затворени простории, анализира тимот на лабораторијата АМБИКОМ на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Во исто време, крајот на годината го озналува и крајот на форумите со заедниците каде граѓаните имаа можност активно да учествуваат во избор на конкретни мерки/акции за чист воздух во нивната општина; крај на шпекулациите кој го загадува воздухот засновани на научни докази и стручни мерења. Но, исто така, крајот на 2024 година го одбележаа и многу почетоци: нови акции и мерки за чист воздух во сите пет општини кои ќе се реализираат во 2025 година со 50% кофинансирање од самите општини и 50% од проектот „Справување со загадувањето на воздухот”, којшто го имплементира УНДП со финансиска поддршка на Шведска; нови и ефикасни планови за чист воздух во сите 5 општини; нови алатки со конкретни знаења и добри практики за чист воздух од целиот свет кои можеме да ги искористиме и кај нас; нови/построги прагови за чист воздух усвоени во Европската Унија.
Посакуваме 2025 година да биде почеток на крајот на лошиот квалитет на воздух во Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица. Посакуваме другите општини да го следат нивниот пример и нивните искуства, се желбите на тимот на лабораторија АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.