Периодов актуелна е темата за исплатата на регресот за одмор, народски популарен како К-15, кој како обврска го имаат фирмите до крајот на декември. Сепак, многу чести се пријавите од работниците за случаи на злоупотреба и заобиколување на законот.
На темата ММС разговараше со Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“.
Пред некој ден споменавте дека имате пријави за принудно потпишување на бланко листови за к15 во приватниот сектор. За што станува збор?
-Тоа е пракса која се случува секоја година каде се користи отворената врата за манипулации оставена од Сојузот на синдикати на Македонија кога го потпишале колективниот договор за приватниот сектор. Односно, делот каде се вели дека ако фирмата имала економски потешкотии во работењето, може да исплати и помал регрес за годишен одмор (К15) од оние 40 проценти од просечна плата кои се наведени. Меѓутоа нема никакви критериуми, односно, дефинирање на терминот „потешкотии во работењето“ , па тој оставен простор се користи за исплата на минимални исплати во име на К15, најчесто, од 1.000, до 5.000 денари. Воедно за да се исплати под определениот износ, во случајов, за 2024 година износот на К15 е 16.800 денари, во колективниот договор стои дека треба да биде потпишана спогодба со репрезентативниот синдикат и работодавачот, а во фирмите каде нема синдикат, таа спогодба треба да е потпишана со претставникот на вработените. Токму овде доаѓаме до проблемот на присилно потпишување на бланко лист, каде работниците се потпишуваат, наводно бираат свој претставник, а тој претставник, најчесто блиско лице на работодавачот, и потпишува спогодба со работодавачот на помал износ. Со ваквата постапка, се легализира и пред надлежните органи, бидејќи ова е законски начин за исплата под одредената сума за К15 бидејќи има уредна спогодба. Затоа и апелиравме до работниците, да не се потпишуваат на бланко листови и оставаат луѓе блиски до газдата да потпишуваат спогодби кои се на штета на целиот колектив.
За колку фирми имате пријави за ваква постапка и преземате ли нешто против нив?
-Секој ден бројот на вакви пријави за фирми каде се присилуваат вработените да се потпишуваат , се зголемува и броиме двоцифрен број иако е само средина на декември со тоа што рокот за исплата на К15 е до крајот на годината, односно, 31.12.2024 година. Како што споменав и погоре, ниту ние ниту инспекциските или судските органи не можат да помогнат доколку има потписи од мнозинството работници, се е законски. Пред институциите не можеме да кажеме дека било присилно, бидејќи тоа не се докажува. Затоа и апелиравме да не ставаат свој потпис на никакви бланко листови. Тие со тоа ги озаконуваат помалите исплати на К15. Не гледам од што е страв доколку мнозинството работници се солидарни и кажат – не, нема да ставиме потпис, работевме цела година, нема никаква загуба, треба да ни биде исплатена сума од 16.800 денари. Крај! За таму каде сме сигурни дека работниците не се потпишале, а сепак е исплатена пониска сума, секако дека ќе реагираме преку надлежните.
Од друга страна морам да истакнам дека во фирми каде гранскиот синдикат на Сојузот на синдикати има членови, од таму пак, ни стасуваат одговори од институции дека е исплатена пониска сума, најчесто 3.000 денари, но дека е тоа така поради спогодбата која ја направил ССМ со работодавачот. Овде исто, не можеме апсолутно ништо.
За разлика од жолтите синдикати, морам со гордост да споделам дека во фирмите каде ние како Гласен Синдикат имаме мнозинство наши членови, успеавме да договориме исплати на К15 од 16.800 денари па нагоре. И тоа е начин дека работниците можат да ги уживаат своите права ако членуваат во вистински работнички синдикат. Единствен таков е Гласен Синдикат. Барем за приватниот сектор.
Апелиравте и до УЈП да ги провери компаниите кои работат со загуби, а нивните сопственици купуваат скапи возила и недвижнини?
-Единствен начин останува тоа, проверка од страна на Управата за јавни приходи, бидејќи трудовиот инспекторат не смее да навлегува во деловното и економско работење на една приватна фирма. Трудовиот инспекторат може само да ја провери исплатата, да провери постапка за избирање на преставник на вработените, како и да ја побара спогодбата на увид. За разлика од нив, УЈП можат навистина да навлезат подетално и да видат дали фирмата навистина има деловни потешкотии или се работи за злоупотреба на грбот на работниците. Тоа до сега иако баравме низ годините, сепак, УЈП не го правеше. Оваа година ќе испратиме пак информации до нив и бараме да се проверат фирмите кои исплатиле помал износ а сме сигурни дека немале никакви отежнати економски деловни прилики, па да се надеваме дека новата директорка ќе постапи и конечно на дело покажат дека се грижат за работниците и за позитивните примени на законите.
Мартин Каровски