Премиерот Христијан Мицкоски денеска од говорницата во Собранието укажа на незаконско работење на дел од агенциите и службите задолжени да се грижат за безбедноста на граѓаните и државата, истакнувајќи ја неопходноста од реформи во работењето на службите.
Одговарајќи на прашање на пратеникот Јован Јаулески за нови моменти од спроведените истраги внатре во рамки на безбедносните структури, премиерот посочи дека претходната власт физички го следела него како лидер на најголемата тогаш опозициска партија, но и членови на неговото потесно семејство, неговата сопруга и синовите.
Како што посочи, преку информација од извор наречен „цилиндар“ во 2020 година било укажано на наводна активност на параполициско-воена вооружена формација, составена од македонски радикални екстремни и националнистички настроени граѓани, со цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани, за да издејствуваат поддршка за ВМРО ДПМНЕ.
– Нарачател и финансиер на таа формација е Христијан Мицкоски. Ова е оставено како трага и точно се знае кој се тие кои тоа го работеле. Тоа служело како покритие да бидеме физички покриени сите…,рече од говорницата Мицкоски.
Тој уште посочи дека негово физичко следење имало и поради наводна информација од извор „џокер“, потоа биле измислувани некакви пикантерии, за кои истакна дека е најважно што немаат врска со реалноста.
– На овие злоупотреби еднаш засекогаш со реформи да им се стави крај. За да не им се случува на оние генерации кои доаѓаат по нас. Ако ова им се случува на тие луѓе и нивните семејства бајдијала е се, и европски и балкански фронтови, европски сонови. Ако во 21 век имаме ваков начин на злупоутреба на работата на безбедосните агенции…, рече премиерот притоа најавувајќи дека се додека ја предводи Владата ќе бара одговорност.