Минималната плата да биде 500 евра, придонесите да се намалат од 47,7 на 32 отсто, а дел од администрацијата да се прераспредели во приватниот сектор, бара Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).
Комората денеска повторно го актуелизираше и прашањето за поврат на ДДВ-то кон компаниите. Како што изјави претседателот на СКСЗМ, Менди Ќура, и претходната и сегашната Влада доцнат со враќањето на данокот.
-За администрацијата, нашите предлози се од претходно, уште пред да дојде оваа Влада. Мислиме дека администрацијата е преоптоварена и сакаме дел од неа да се преквалификува во приватниот сектор. За минималната плата, исто така, зборуваме веќе една година и бараме да биде 31 500 денари. Бараме и придонесите да се намалат зашто мислиме дека се превисоки и тоа е товар што ја пенализира платата. Кај нас е прогресивно, што повеќе плата даваш, даваш и повеќе придонеси. На илјада евра се плаќа 52 отсто, не се плаќа 47 отсто. За минималната плата се плаќа 47,5, а за повисока плата, од илјада евра на пример, 52 отсто. Во Словенија каде што има повисока плата, 42 отсто оди надолу, од 42 на 41,… На таков начин да се стимулира. За ДДВ-то образложението беше вакуумот меѓу промените, па и претходната влада пред да оди избори заостана со враќањето, а и сегашната кога дојде, исто така задоцни. И така, одвреме – навреме на некоја компанија и се плаќа, па се враќа па се сменува бројот, истакна Ќура.
Тој не прецизираше како би се стимулирало евентуалното преминување на дел од администрацијата кај бизнисот, дали преку некој вид отпремнина или повисоки плати.
-Од двете страни треба, и од Владата да се делат средства и од компаниите за да се стимулираат тие работници да се префрлат од администрација во приватен сектор, нагласи претседателот на СКСЗМ.