Тијана Илова(20) од Кавадарци е уште еден доказ дека гените прават чудо. Од сите внуци на дедо Спасе таа ја наследила љубовта кон ударните инструменти, особено тапанот, по која ја запознаа сите и се воодушевуваат од неа. Последниот голем настап го имаше на концертот на „Меморија“, каде, заедно со членовите на составот, доби голем аплауз.
Тијана иако е студент на Економскиот факултет во Битола, сепак, нејзината голема љубов кон тапанот и ги отвара сите врати. Сега веќе е горда на тапанот иако тоа не било така од почеток, кога била мала и кога морала да го краде тапанот на дедо и и тајно да свири, бидејќи тaпанот се смета за машки инструмент.
-Јас сум самоук музичар, иако имам посетувано само една година нижо музичко , ме запишаа на клавир ама љубовта ми беа кон ударните инструменти. Сама се учев, но имав повозрасни и поискусни колеги. Имам колега кој е учен и кога имам некои потешкотии се консултирам со него. А љубовта ми се роди од мали нозе, уште кога имав 5-6 години. Дедо Спасе, на мајка ми татко, е тапанџија и дома место цртани гледав настапи на „Танец“, гледав свадби, слушав народна музика. Никогаш не сум слушала детски песни. Кога одев кај дедо ми се криев од него и баба и му го земав тапанот и мавав по него. До четврто одделение удирав на што ќе стасав, во дрво, на канти, на разни импровизации, правев сама палки . И така беше се додека баба ми Трајанка, на татко ми мајка не ми купи тапан. Го нарача од Турција. И така почна приказната, вели Тијана.
Кога нејзините ја виделе како удира на тапанот мислеле дека желбата ќе и помине. Но, на крајот баба и попуштила и и го купила првиот тапан.
-Тапанот што ми го купи баба често го носев кај дедо ми и си правевме муабет на таа тема. Мислеа дека е желба која ќе ми помине, па кога бев осмо одделение дедо ми пушти музика и ми рече- ајде да видам што знаеш да свириш. Потоа ми пружи рака и ми рече- честито нека ти е и ми го даде тапанот. Кога моите дома потоа го видоа талентот и тие ми купија тапани. Потоа јас си купив тапан и други ударни инструменти и така продолжи до денес, додава таа.
Ударните инструменти важат за машки инструменти, ни Тијана го докажува спротивното и вели досега немала никакви проблеми со предрасудите.
-Да тапанот не е женски инструмент, машки е ама зошто да не е и женски? Дедо ми има четири внуци, две машки и две женски, но талентот кон тапанот дошол кај мене. Првиот настап ми беше на семејна свадба. На татко ми братучед правеше свадба во Кавадарци. На таа свадба татко ми им кажа на музичарите дека имам тапан и дека знам да свирам ама тие не го сватија сериозно. Ама додека траеше вечерата таткото на младоженецот ме замоли да го земам тапанот како изненадување. Јас го земав и луѓето прво беа зачудени, а јас имав голема трема. Тогаш цела сала стана на нозе, им бев интересна. И така тргна, се зборуваше за мене после свадба и почнаа да ме викаат по свадби како изненадување за младенците. И тоа остана и до денес иако јас веќе настапувам со женски бенд „Ana & The Girls“ со една гитаристка една тапанџија и пејачка. Постојан член сум во емисијата „Мерак меана“ Свириме се. Таму свирам на тапани и на кахон. По кафулињата настапуваме секој викенд во различни градови низ цела држава, вели Тијана.
За разлика од многу млади на нејзини години, кои не знаат што да прават со времето, Тијана досега успешно се снаоѓа во сите обврски иако се премногу.
-Со организаци, со време, со план се снаоѓам. Имам време и за факултетот и за музиката и за пријателите. Со автомобилот ја шетам Македонија. Од понеделник до среда учам, зависи кога имам предавања. Не го оставам факултетот, со организација и со време се може да се постигне, вели убавата тапанџика и откри зошто нема време за дечко.
-Немам дечко, немам време кога. Преангажирана сум. Гледам да најдам време и за друштвото да излезам со нив. Интересна сум им со тапанот на дечковците, досега не сум сретнала некој да има предрасуди. Најчесто ме прашуваат- од кај ти текна вака, се шегува таа.
Тијана е слаба, а тапанот е тежок. Но и тоа не и претставува проблем да прави магија со него.
-Хаххаха. Само тапанот тежи над пет килограми. Не ми е тешко, се внесувам во музиката. Секој настап ми трае до три часа, а ако свирам повеќе од три часа почнува грбот или рамото или раката да ме боли. Ама телото веќе ми е навикнато, па јас од осмо одделение сум на тапан. Јас сум десничар, го носам на лева страна, а на во десната страна ја држам потешката палица, објасни таа.
Единствен проблем на Тијана претставува тоа што додека свири на тапан повеќе мора да носи панталони.
-Претежно настапувам во панталони. Можам и во фустан и во народна носија, но ако свирам на свадба вообичаено клекнувам за да невестата или младоженецот ги качам на тапанот и ако не сум во панталони ми претставува проблем. Не ми е комотно, вели Тијана.
Во Македонија нема многу тапанџики и Тијана ги поттикнува девојчињата да не се срамуваат туку ако сакаат да му се посветат на овој традиционален инструмент.
-Откако тропам на тапан има голем интерес. Ги поттикнувам девојчињата да не се срамат, да се срушат стереотипите дека тапанот е машки инструмент. Има многу што си го кријат талентот како јас што го криев. Затоа им порачувам да не се кријат, туку да бидат отворени, тапанот не е само машки инструмент и не е ништо страшно. Па има жени што свират саксофон, гајда, кларинет. Кога имаш желба се се учи во животот. Навистина сакам да има уште тапанџики па да свириме заедно, порачува таа.
(В.М.)
Фото:Приватна архива