Учеството на Израел на овогодинешниот Избор за песна на Евровизија предизвика низа контроверзии поради конфликтот во Газа, што резултираше со бројни протести во Малме, Шведска. Но, сега Израел би можел засекогаш да го напушти ова натпреварување поради сосема други причини, пренесува индекс.хр.
Како што пренесува шведскиот Афтонбладет, Израел можеби нема да учествува на Евровизија 2025 година поради потенцијалниот закон за приватизација на државната телевизија КАН. Овој закон, предложен од израелскиот министер за комуникации, Шломо Кархи, може да доведе до излегување на Израел од Европската радиодифузна унија (ЕБУ), а со тоа и од Изборот за песна на Евровизија, потврди ЕБУ за „Џерусалим пост“.
Предлог-законот веќе го помина првото гласање во Кнесетот на 27 ноември, со поддршка на владејачките партии, додека конечното гласање се очекува на почетокот на јануари. Министерот Кархи не ги коментираше изјавите на ЕБУ за можното исклучување на Израел од натпреварувањето доколку законот биде усвоен.
Вработените во КАН изразија силно противење на предлогот. Уредникот Еран Цицурел ја опиша ситуацијата како „автогол“, особено во контекст на меѓународниот притисок околу конфликтот во Газа. „Цела година нашите противници се обидуваа да го спречат Израел да учествува на Евровизија, а сега тоа го прави министерот Кархи за нив, нè турка надвор“, рече Цицурел.