Претседателот на Кошаркарската Федерација, Перо Антиќ, свесен за задкулисните игри на најразлични заинтересирани страни, сака да ги увери сите клубови-членови на Федерацијата дека нема да дозволи некој да се поигрува со начинот на работа на КФСМ и со целите на раководството со највисокото раководно тело на кошарката во Македонија, стои во соопштението на Кошаркарската федерација.
„Клубовите кои се вознемирени од ситуацијата која се пласира и кои веќе нè контактираа за секојдневните притисоци со кои се соочуваат ги уверуваме уште еднаш дека ќе продолжиме да ја оправдуваме довербата која несебично ни ја даваат во текот на сиве овие години. Секој кој продолжува да го валка името на овој тим, поединечно или како целина, само докажува за својот личен карактер и зли намери.
Редовната годишна седница на собранието, коешто Претседателот Перо Антиќ го закажа за 18. декември (среда), ќе помине во најдобар ред. На седницата, како што впрочем е и предвидено секоја година на редовниот собир на членките на Федерацијата, ќе биде презентиран финансискиот извештај и извештајот за работа на Федерацијата.
Како и досега, тимот на Федерацијата продолжува да работи отчетно и транспарентно и нема да дозволи некој да се поигрува со својата (политичка) моќ и истата да ја злоупотребува. Спортот ќе го оставиме на спортистите, а ќе ја изоставиме политиката и влијанието од „надворешни сили“.
Уште еднаш, ги повикуваме сите клубови да не подлегнуваат на притисоците кои им се наметнати“, стои во соопштението.