Со почеток во 17:00 часот, во салата на Советот на Општина Кочани на вториот кат во Мултикултурниот центар, ќе се одржи јавна расправа за Проектот за воспоставување регионален систем за управување со отпад во Источниот Плански Регион.
Целта на јавната расправа е да се утврдат деталите за затворање на постојната Градска депонија во Кочани и отворање на нова регионална депонија во Мечкуевци, која ќе служи како дел од новиот регионален систем за управување со отпад. Овој проект е значаен чекор кон подобрување на управувањето со отпадот и заштитата на животната средина во Источниот плански регион.
На расправата ќе присуствуваат претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за внатрешни работи, Комуналното јавно претпријатие „Водовод“, како и од Центарот за социјални работи – Кочани.
Општина Кочани ги повикува сите заинтересирани граѓани, здруженија и други засегнати страни да учествуваат и да дадат свој активен придонес во оваа јавна расправа, која ќе има значајна улога во подобрувањето на системот за управување со отпад во регионот.