Вкупно 4000 садници, багрем, јасен и црн бор беа засадени денес во месноста викана Света Недела во Штип, во акција под мотото „Садиме дрвца денес, славиме живот утре“.
Станува збор за активност организирана од универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Гоце Делчев“, Општина Штип и ЈП „Исар“.
Како што велат организаторите, целта на истата е да се засадат повеќе дрва и да се ублажат штетите од големите пожари кои беснееа летото.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов изрази надеж дека во иднина ваквите активности ќе бидат сѐ почести.
- Акцијата ја организиравме заедно со организацијата на универзиетскиот парламент и ЈП „Исар“, со цел да се подигне свеста, но и да се започне активност во насока на пошумување на градот Штип. Ова изминато лето имавме огромни штети од пожарите кои настанаа на територија на Општина Штип. Се надевам дека ваквите акции во иднина ќе бидат почести, вели Јорданов.
Додаде дека низ градот се работи и на хортикулутрно уредување на парковите и зелените површини, а воедно упати и апел до сите граѓани да се чува она што се создава, додавајќи дека сечењето и кражбата на дрва ќе бидат соодветно санкционирани од надлежните органи.