Коалицијата ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ за нов член на критикуваниот Судски совет скандалозно ја инсталира сопругата на градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, кој доаѓа токму од ДПМНЕ. Данка Ристова е избрана за член на Судскиот совет на местото на Лорета Ѓорѓиева од Струмица, за која во јавноста гласно се говореше дека е од „тефтерчето” на Заев, со што фамозното „тефтерче” за избор на подобни партиски судии, повторно премина во рацете на ДПМНЕ, реагираат од Левица!
-Со ваквиот избор се потврдија укажувањата на Левица, дека бизнис – елитите на криминалните политички партии, ДПМНЕ, СДС, ДУИ и нивните деривати, изминативе години константно го партизираат судството со избор на свои подобни партиски судии, без никаква надеж дека довербата од 2% воопшто би се покачила. Оваа одлука го демонстрира истиот шаблон на поставување партиски кадри во клучните правосудни тела, а со цел цементирање на политичката контрола и обезбедување на комоција во криминалното владеење. Овој избор доаѓа во време кога премиерот Мицкоски најавуваше сериозни реформи, дури и распуштање на Судскиот совет поради неговото катастрофално работење. Очигледно, Мицкоски ќе продолжи да го зајакнува системот што го критикуваше, се вели во соопштението од Левица, во кое се додава и дека:
-Левица ја предупредува јавноста дека Мицковизмот не само што ќе го наследи, туку и ќе го надгради Заевизмот. Она што го критикуваше, Мицкоски сега совршено го копира, дополнувајќи го со нови механизми за зацврстување на партиската контрола врз правосудството и државните институции. Ова не е промена, туку продлабочување на истиот гнил систем којшто ја задушува Македонија и ја урива довербата на граѓаните, реагираат од партијата.