Кампањата официјално започна во пресрет на претседателските избори во Хрватска, кои ќе се одржат на 29 декември. Изборната комисија утврди дека за функцијата шеф на државата ќе се борат осум кандидати.
Нов мандат бара актуелниот претседател Зоран Милановиќ, кој ќе биде кандидат на СДП и нејзините партнери. Владејачката ХДЗ и нејзините партнери го номинираа Драган Приморац.
Во трката се и кандидатот на МОСТ, Миро Буљ, кандидатот на „Можемо“ Ивана Кекин, кандидатот на партијата „Дом и Национален собир“ Бранка Лозо и независните кандидати Марија Селак Распудиќ, Томислав Јоњиќ и Нико Токиќ Картело.
Тројца потенцијални кандидати не собраа доволно потписи, па нема да се најдат на гласачкото ливче.
Предизборната кампања ќе трае до петок, 27 декември на полноќ, кога почнува предизборниот молк.
Изборите за претседател на Хрватска ќе бидат осми од осамостојувањето, а граѓаните на Хрватска годинава веќе двапати излегоа на гласање – во април за парламентарните, а во јуни за изборите за Европскиот парламент.