Од 16 часот скопјани маршираа од пред Министерството за животна средина, Собрание и Влада на протестен марш за почист воздух во Градот Скопје. Носеа транспаренти на кои беа испишани пораките „Во Скопје живеат згради и коли, а луѓето се гушат“, „Ви делат ли чист воздух од партија?“ и други а од надлежните побараа поголема ажурност кон проблемот со аерозагадувањето.
Еден од организаторите на овој протест е Горјан Јовановски, советник во Град Скопје и активист од Зелен хуман град. Тој за ММС вели дека Скопјани немаат ништо направено за да го спречат или намалат загадувањето и дека тоа е најголемиот проблем.
„Јас не знам една работа која луѓето или владата ја имаат направено за да го намалат загадувањето. Ние една работа не сме направиле за да кажеме дека со неа сме го намалиле. Решенија има многу, од 24 часовен континуиран мониторинг на секоја индустрија, субвенционирање на огромен капацитет на фото волтаици и инвертер клими за да се заменат грејните тела во домаќинствата, заменувањето на сите грејни тела во институциите кои работат на мазут, голема велосипедска инфраструктура и вистински јавен превоз за луѓето да не се возат со коли, треба да се реши и Вардариште еднаш засекогаш и тон други работи. Проблемот е што никој вистински не сака да го реши проблемот“, вели тој.
Според најновите европски бројки, 5000 луѓе годишно умираат поради загадувањето.
„Како и секоја сезона, така и оваа имаме високо загадување на воздухот штом дојде зимската сезона. Иако греењето има удел во целата оваа ситуација, сепак во Скопската котлина има еден феномен наречен температурна инверзија, односно што и да загадуваме во неа, нема да излезе надвор како што тоа може да се случи во лето. Затоа ги имаме тие денови со екстремна загаденост каде што многу пострашно го чувствуваме загадениот воздух.
Скопје во моментов не личи на ништо, го уништивме градот максимално со неконтролирана урбанизација. Сме имале три воздушни коридори кои сега не функционираат. Исто така, возилата се прв приоритет во градот за транспорт, па потоа се друго по нив како опција што значи дека ние немаме функционален јавен превоз и секоја можна зелена површина гледаме да ја узурпираме со паркинг, зграда или коли и со тоа не може воопшто да диши градот“, објаснува Јовановски.
Сепак, тој останува оптимист бидејќи ако дојде нормален човек на позиција и реши да ги имплементира предложените решенија, а не работи на проекти кои не се приоритет во моментов, можеби догодина и нема да умрат 5.000 луѓе поради загадувањето.
„Феноменот секој да бега од одговорност и да не придонесува во борбата против загадувањето според мене е општо лудило бидејќи тие луѓе кои што се на позиции мислат дека дишат посебен воздух, можеби дома седат со прочистувачи, а децата ги праќаат да учат во странство, па си мислат дека ќе бидат четири години на власт, ќе украдат пари и се ќе биде во ред, јас друго објаснување навистина немам. Таквите луѓе точно знаат што прават, знаат дека ако вистински се обврзат да помогнат, нема да бидат во ситуација финансиски да заработат за себе“, кажа тој.
Според него, ако еден протест не бил успешен, луѓето во ниту еден случај не смеат да се откажат и треба постојано да го потенцираат овој проблем.
„Ако реалноста е дека едно од девет деца умира од загаден воздух и ако сме океј со тоа, тогаш ние треба да се запрашаме со кој памет го прифаќаме целото ова. Очекувам масовност на овој протест, ние со намера го ставивме протестот во 16 часот за луѓето порано да можат да излезат од работа и во масовен број да се појават и да го подржат протестот. Ова е неприфатливо. Од Скопје направивме град-држава. Градот веќе не може да ја издржи големата населеност, потребно му е растеретување на градот. Јас не ја разбирам логиката во еден град да биде се, а во исто време да се запушти се надвор од главниот град. Не се води така една држава. Точно треба да се знаат конкретни центри, за тие луѓе не само да не се селат од Македонија, туку и да не се селат од својот роден крај, да останат таму каде што пораснале и твореле цел живот. Нема само Скопје проблем со загадувањето, туку и другите поголеми градови во државата го имаат истиот проблем“, дециден е Јовановски.
Борбата тој ја води 10 години заедно со мал број на граѓани и неколку организации.
„Ако денес немаме огромна масивност, тоа ќе покаже дека на луѓето ова не им е приоритет, а ако тоа не е приоритет, јас искрено не знам што е. Се надевам дека со еко активистите повторно нема да бидеме сам, туку ќе има огромен одзив од луѓето денеска во 16 часот пред Министерството за животна средина“, рече тој.
Кристијан Трајчов
Фото: Вангел Тануровски