Штип ги прави последните подготовки пред официјално да започне новогодишната магија во Штип. На шеталиштето „Ванчо Прќе“ од денеска се поставуваат типските куќички, а викендов улицата ќе биде целосно украсена и подготвена за престојните празници.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека ќе има содржини за сите генерации, многу забава, музика.
- За време на викендот се поставуваат сите елементи, типските куќи на самото шеталиште, многу светилки во централното градско подрачје. Она кое е планирано е во рамки на самото шеталиште да има и предновогодишна програма која ќе започне од понеделник со најразлична содржина, изјави Јорданов.
Во Програмата се предвидени Дедо мразовци, аниматори, детски воз и многу детски претстави како дел од содржините кои до Нова Година ќе се реализираат на шеталиштето „Ванчо Прќе“. Јорданов посочи дека организацијата е на повисоко ниво и очекува многу посетеност и многу задоволни граѓани.
- Очекувам онаа посакувана предновогодишна среќа која ни е неопходна на сите нам, да се предизвика преку предновогодишната програма и преку украсувањето на градот. Очекувам и организацијата да биде на едно повисоко ниво, со многу повеќе предновогодишни украси, рече Јорданов.
Дополнително од 20 декември ќе започне и Божиќниот базар, кој за првпат се организира во Штип.