Згради за колективно домување и студентски дом ќе никнат на просторот на руинираните објекти од старото Нервно одделение во Штип.
Дека на просторот треба да никнат вакви објекти дефинира Генералниот урбанистички план, донесен на 31 декември 2021, но за конечното оформување на парцелите и објектите кои треба да никнат на нив, неопходно е донесување на Детален урбанистички план за просторот.
„Се води постапка за урбанизација на планскиот опфат меѓу улиците „Борис Крајгер“, „7-ми Конгрес“ и „Партизанска“. Општината изработува Детален урбанистички план со кој што ќе се уреди просторот со парцели со класа А2 – колективни станбени згради и А3 – времено сместување. За просторот околу салата „Јордан Мијалков“ се разработуваат парцели за спорт и рекреација и паркинг простори, вели Лазар Хаџи-Николов од одделението за урбанизам во општина Штип.
По финиширањето на Деталниот урбанистички план, истиот оди на одобрување во Министерството за транспорт, а очекувањата се некаде на почетокот на следната година истиот да биде одобрен, по што Советот на општина Штип ќе треба да ја донесе конечната одлука дека го прифаќа ДУП-от за планскиот опфат.
Што се однесува до ромските семејства кои десетина години престојуваа во напуштените објекти на Старото нервно, истите ќе бидат дислоцирани во населба со типски куќи, чија финализација се очекува во најбрз можен рок.
„Ги чекаме да пристигнат монтажните објекти, веќе се на царина и веднаш по пристигнувањето ќе се започне со монтажа, станува збор за панелни објекти. Турска компанија го има добиено тендерот и ја очекуваме реализацијата најбрзо што може. Големината на објектите во кои ќе се населат семејствата зависи од големината, односно бројноста на семејството. Лицата се евидентирани пред 2 години и истите имаат потпишано изјави дека се согласни да го напуштат Старото нервно. Во истиот пакет се и неколку семејства во центарот на градот, во близина на ГТЦ, и вкупната бројка изнесува 41 семејство, вели Вишна Шорова – Ангелова, секретар на општина Штип.
Со оглед на брзата динамика во која се очекува да се дислоцираат семејствата и да се донесе ДУП-от за планскиот опфат, на тоа додадено времето потребно за добивање дозволи за градба, уривање на Старото нервно и потенцијален старт на изградба на некакви објекти би можеле да видиме уште во текот на 2025 година.
(М.К.)