Посвоена жена од Грузија почнала да ги бара своите биолошки родители и открила дека цело време била пријателка на Фејсбук со нејзиниот биолошки татко, пренесува еспресо.рс.
Тамуна Мусериџе се посомневала дека е посвоена во 2016 година, кога починала жената што ја воспитала, според приказната на Би-Би-Си.
Тогаш Тамуна (40) нашла извод од матична книга на родените со нејзиното име, но датумот на раѓање бил различен од оној што го знаела.
Тамуна, која е новинарка, направила Фејсбук страница со надеж дека ќе најде повеќе информации за нејзиното потекло. На крајот, таа добила порака од жена во руралниот дел на Грузија, која открила дека нејзината тетка ја сокрила нејзината бременост во септември 1984 година, што се совпаднало со вистинскиот датум на раѓање на Тамуна.
Жената се согласила на ДНК тест, кој покажал дека таа и Тамуна се први братучетки и дека нејзината тетка навистина била биолошка мајка на Тамуна.
Меѓутоа, кога Тамуна и се јавила на биолошката мајка, разговорот не поминал најдобро.
„Почна да вика и да вреска. Таа тврдеше дека никогаш не родила дете и не сака ништо со мене“, изјави таа за Би-Би-Си, додавајќи: „Бев подготвена на се, но нејзината реакција беше над се што можев да замислам“.
Меѓутоа, по околу една недела и уште еден повик, нејзината биолошка мајка го открила името на нејзиниот татко – човек по име Гурген Хорава.
„Не можев да верувам што ми се случува. Не можев да верувам дека ги најдов“, се присети Тамуна.
Кога отишла на Фејсбук да го најде Гурген, открила дека тој цело време ја следел нејзината приказна и дека дури и се пријатели на социјалната мрежа.
„Тој беше на списокот на моите пријатели три години“, изјави Тамуна за Би-Би-Си. „Тој не ни знаел дека мајка ми е бремена. Тоа беше огромно изненадување за него“.
Двојката набрзо се договорила да се сретнат во родниот град на Гурген.
„Беше необично – во моментот кога ме погледна, знаеше дека сум негова ќерка“. Имав толку многу измешани емоции“, се присети Тамуна.
Гурген набрзо ја запознал со своето пошироко семејство, кое вклучува полубраќа и сестри, како и братучеди, тетки и чичковци. Од сите негови деца најмногу личам на татко ми“, изјави Тамуна.
Тамуна на крајот имала повеќе разговори со нејзината биолошка мајка и ги дознала деталите за околностите на нејзиното посвојување.
Дознала дека нејзината мајка, плашејќи се од општествена осуда поради тоа што имала дете вонбрачно, ја сокрила својата бременост и на крајот отишла во блискиот град да го роди детето во тајност, пренесува Пипл.