Лицата од центрите за згрижување на лицата со попреченост, учениците од ООУ “Ванчо Прќе” и средношколците од текстилното училиште “Димитар Мирасчиев”, со делење едукативни флаери и рачно изработени брошеви за сите случајни минувачи во центарот на Штип, денеска го одбележаа Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 Декември. Целта на настанот е подигање на свеста за правата на овие лица, како и рамноправноста за нив.
И од страна на општината со бројни активности беше одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост, а градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов ја посети и Заедницата на инвалидските здруженија во градот.
Лидија Џамбазова-Јанкова, претседател на Заедницата на инвладиски организации во Штип вели посочи дека треба да се работи на што поголема активна вклученост на лицата со попречност во општеството, да се вработуваат и да придонесуваат за својата околина.
- На овој ден ќе испратиме јасна порака – ако некој човек ја изгубил својата рака, нога, способноста да оди, да зборува, да гледа, да слуша или се соочува со некој друг тип на попреченост, истиот тој човек не го изгубил своето образование, способноста да чувствува, да размислува, да носи одлуки, да одлучува. Затоа лицата со попреченост се исто толку добри родители, пријатели, колеги, вработени, како и лицата без попреченост, само дајте им шанса за поактивно учество за општествениот, социјалниот и политичкиот живот. За жал предрасудите и бариерите сѐ уште постојат и во 21 век, вели Џамбазова -Јанкова.
Градоначалникот на Општина Штип Јорданов истакна дека локалната самоуправа со проекти за подобрување на инфраструктурата работи на подобрување на условите на лицата кои имаат некаков вид на попреченост.
- Се трудиме да ја прилагодиме инфраструктурата за секојдневните потреби на лицата со одреден вид на инвалидитет, но секако дека вклучувањето во системот е нешто кое е крајна цел затоа што можеби овие лица имаат некој вид попреченост, но од друга страна имаат компетентност и да бидат вклучени во системот и општеството, вели Јорданов.
Во рамки на одбележување на денешниот ден во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип се организираа и спортски игри под мотото „Спорт за сите“.